Пратеникот Илија Димовски објави статус на социјалната мрежа фејсбук во врска со вчерашните слулувања околу вчерашниот протест на СДСМ во Скопје.

Ви го пренесуваме интегрално текстот на Илија Димоски.

„Зошто власта протестира против себе? Звучи лудо, нели?

Која е логиката на Заев и СДСМ со вчерашниот протест што од сега се гледа дека ќе им биде и наративот за целата кампања?!

Токму таму кај што е најслаб, го советувале да покаже дека е силен противник, за да створи забуна и да намали штета по себе и по рејтингот на СДСМ.

Оваа патека на СДСМ оди по логиката која, за жал, еднаш му успеа, која е: држете го крадецот. Но нашиот мудар народ низ вековите рекол дека: најсилно вика држете го крадецот, оној кој е најголем крадец.

Наместо правна држава, тој и неговата Влада, предизвикаа комплетен распад на правната држава. Распад на СЈО, партизација на ЈО и бламажа на судството. Факт констатиран од целокупната јавност. А министерката стооо...

Зошто е тоа така? Што се случуваше во минатите три години?

Затоа што СЈО, ЈО и судството, посебно судовите низ Скопје, се претворија во локални штабчиња на СДСМ, каде што не само политички, туку се тераа и огромни стопански предмети (тие секогаш беа скриени зад прашината што се креваше од некои медиуми за политичките предмети)...

Политичките предмети служеа за уцени, "вразумување", притисок и остварување на политичка корист. На пример, последното гласање ЗА на Законот за ЈО во Собрание беше со најмалку 13 пратеници (3 од ДУИ, 3 од СДСМ,... и од скоро сите пратенички групи) под директен притисок од отворени, затворени или сеуште "тајни" постапки за нив лично или за нивни блиски луѓе. Значи, за опозицијата бламажа пред јавност, а за своите непослушни и за коалиционите партнери притисок и уцени со предистражни и истражни постапки подготвени од локалните штабчиња на СДСМ.

Стопанските предмети (Те-То, Поштенска Банка, Империја, Фени, ..) станаа тема на јавен интерес како последица на интересот на странските дипломати. Тие се дури и поопасни. Со нив или се лажираше стечај, или се рекетираа бизнисмени, или се правеа чудни продажби на сомнителни компании. Станува збор за суми во десетици и стотици милиони евра.

Во овој систем учествуваа и други државни институции, поединци и за жал и медиуми. А многу функционери на власта (министри, пратеници,...) лично ги знаеа состојбите и не се обидоа да променат било што.

Целта беше преку судството да се соберат пари за богатење, но и за да се потплатува опозицијата, а тој дел што нема да се потплати, да се уништи со нарачани обвиненија, пресуди и медиумски линч, координирано.

Кога сето ова станува видливо и за обичниот човек, мора да се фрли вината на друга страна, како демек во овие три години да владееа сите други освен СДСМ. А докази на сите страни, од една до друга страна на Скопје.

Затоа некои предмет се закажуваат пречесто, а некои се држат во лер. Затоа некои истраги се отворија, а не се затворија. Затоа некои се повластени, а некои прогонети. Затоа за некои ќе важат бомбите, а за некои не.

Оваа хистерија со барање правда, закани и притисок до сега не е видена во ниту една нормална држава. Власт протестира против состојбите кои не само што не ги променила и подобрила, туку и ги влошила многукратно. Лудило ќе речат сите, но единствен излез за сеење магла барем пред своите гласачи.

Цела кампања ќе им биде ова. Сабајле ќе координираат судски и обвинителски постапки, а вечер на митинзи и телевизија ќе врескаат против тоа.

Видете вака: 1. Јавниот обвинител на РМ е избран по предлог на Владата на СДСМ од страна на Собранието каде СДСМ има мнозинство со своите уценети коалициони партнери; 2. СЈО се формираше по барање на СДСМ, а Катица Јанева им беше ударна тупаница; 3. Судскиот совет на РМ е под директна контрола и работи по нарачки од страна на Владата на СДСМ; 4. Претседателите на судовите се избрани од страна на овој судски совет кој е под целосна контрола на Владата на СДСМ. 5. СДСМ (преку Талат Џафери и мнозинство од 80 пратеници) раководеа со Собранието на РМ каде менува и можеа да менуваат било кои закони во оваа област.

Кој тоа бара правда и подобар систем? Оној кој управува со него? Оној кој го насочува и контролира? Оној кој бира и разрешува судии? Оној кој ги носи законите?

Врв на лудило.

СДСМ сега го фрла жешкиот костен од себе, надевајќи се дека така ќе добие глас повеќе, ќе победи и пак ќе си го прибере назад.

Но на кого го фрла? На своите извршители!

Катица и Бојан се само мал дел од оваа приказна, но добар и поучен дел. Добар пример дека сите нивни извршители ќе бидат фрлени да горат и да изгорат, само тие себе си да се спасат.

Оваа состојба не се спасува ниту со марш, ниту со кампања, ниту со датум, ниту со Закон. Видлива е од авион.“ - фејсбук статус на Илија Димовски.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/02/2020 11:14