Намалување на даноците е добредојдено за бизнисот, оти со него се намалуваат трошоците а се олеснува работењето. Првиот човек на бизнис конфедерацијата Миле Бошков, вели оти мерките што вчера ги претстави лидерот на ВМРО ДПМНЕ се амбициозни, но не неостварливи. Според него е неопходна реформа на јавната администрација. Конкретно посочува на градежниот бум.

-Амбициозен проект , дај Боже да се оствари, но тоа ќе значи дека неопходна е целосна реформа на капацитетот и продуктивноста на јавната администрација, потоа потребна е ефективност и транспарентност на набавките кои ќе се прават за извршување на градежни работи и секако изворот на средства. Секоја наредна влада ќе треба да е свесна оти ќе треба да ја подобри својата финансиска отчетност , вели Бошков за Алфа.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера ја промовираше програмата за обнова на инфраструктурата. Таа вклучува нов автопат од Велес до Битола, завршување на веќе започнатите автопатски делници, реконструкција на над 1.000 километри регионални патишта и изградба на 150 километри експресни патишта. Планот предвидува и 300 милиони евра вложувања во водовод и канализација, доизградба на пругата од Битола до грчката граница, на долгоочекуваната железница до Бугарија, како и набавка на 5 нови возови.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/02/2020 00:42