Најбогатиот граѓанин во државата е жителка на Скопје која, во 2018 година ја има остварено и највисоката капитална добивка во последните 10 години. Бруто приходите што ги пријавила се 1.056.992.055 денари. Втор на листата со остварен годишен бруто приход од 453.517.731 денар е, исто така, жител од Скопје. Во првите 10 со пријавени највисоки бруто приходи во 2018 годна се и жител од Гевгелија, Струмица и Тетово.

Ова се податоци што денеска на прес-конференција ги соопшти директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска.

Управата за јавни приходи, како што информира Лукаревска, во текот на минатата година има доставено пополнети годишни даночни пријави до 795.953 граѓани, кои имале вкупни бруто приходи од 309.058.476.787 денари со 18.460.162.575 денари персонален данок.

Автоматски се потврдени 480.085 даночни пријави, кај 139.961 годишна пријава се потврдени од страна на граѓаните, додека корекции се направени само кај 6454 годишни даночни пријави.

Од минатата година Управата за јавни приходи доставува до граѓаните претпополнета годишан даночна пријава, која гаѓаните треба да ја потврдат или доколку има потреба да ја коригираат.

Лукаревска оцени дека минатата година, која беше прва година во која граѓаните не поднесуваа сами годишни даночни пријави, процесот успешно се спровел.

Најави дека и оваа година ќе ги повикаат граѓаните да ги проверат корисничките профили, кои ги има над 700 илјади, да ги проверат доставените годишни даночни пријави и да ги потврдат или коригираат во законски утврдениот рок до 31 мај. Управата за јавни приходи годишните даночни пријави има законска обврска да ги достави во период од 1 до 30 април.

Од 1 јануари минатата година се воведе новата процедура за пријавуање и пресметување персонален данок на доход со поднесување на електронска пресметка за приход и данок до УЈП преку системот е-Персонален данок e-pdd.ujp.gov.mk.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/02/2020 13:56