Во 2018 година, Владата на СДС издвои финансиски средства во износ од 3.032.383.084 денари, односно околу 50 милиони евра, пари од сите граѓани кои уредно плаќаат даноци, за финансирање на обврските на општините и нивните единки корисници, без никакви критериуми, по кои би се доделувале средствата или анализа за оправданост за помошта на задолжените општини и единки корисници.

Тогаш власта и пратениците кои го поддржаа овој закон уверуваа дека парите ќе се трошеле за покривање на долговите кон добавувачите со што ќе се помогнело во локалниот економски развој....

За жал, тоа не е така и денеска се покажа дека кај голем дел од општините овој закон и доделувањето на финансиските средства само го поттикнаа недомаќинското работење и финансиската недисциплина, на кои ризици укажуваше ВМРО-ДМПНЕ своевремено.

Дека ова е така, се потврдува од податоците на доспеаните, а неплатени обврски на општините и нивните единки корисници, според кои нивните долгови наместо со таа поддршка за која од Буџетот се исплатија финансиски средства да се намалуваат, тие во најголем број се зголемуваат или остануваат исти.

Тогаш долгот на општините и единките корисници изнесувал 5.945.849.186 денари, што значи дека нивниот долг откако ќе се искористат средствата од финансиската помош требало да изнесува најмногу 2.913.466.096 денари.

Наместо тоа, долгот на општините сега изнесува 3.083.704.021 денари, а заедно со нивните единки корисници е на износ од 3.553.698.270 денари. Вчера јавноста беше известена дека долгот на општините се намалува, но видно од податоците тоа не е така. Покрај тоа што Министерката за финансии известуваше за трендот на намалување на долговите на општините, во ваквото известување случајно или не, беа пропуштени долговите на 10 Општини, кои во моментот на доделување на финансиската помош имале долг од околу 8 милиони евра, што укажува на груба манипулација со податоците со цел поинакво презентирање во јавност!

Замислете, Општина Кичево заедно со нејзините единки корисници на 30.09.2018 имала вкупни обврски во износ 146.371.050 денари, за што им се доделиле вкупно 74.649.236 денари односно средства во износ од 51% во вкупните обврски. Целта била наводно Општината да ги намали долговите, но наместо тоа таа заедно со единките корисници повторно работи недомаќински, што е видно од податоците заклучно 31.12.2019 година каде имаат генерирано нови долгови и се во вкупен износ од 143.469.575 денари. Следствено на тоа, оваа финансиска поддршка со буџетски средства не помогнала за поттикнување на домаќинското работење!

Она што дополнително загрижува е незаконското работење на дел од Општините и нивните единки корисници, а најалармантно е дека Владата за незаконитоста во работењето и ненаменското трошење на буџетски средства на овие Општини била известена, но ништо сеуште не се презема. Повторно нагласувам, се работи за буџетски средства, за пари на сите граѓаните, со кои се покрива расипничкото работење на општините управувани од функционери на оваа Влада.

Во Општина Кичево, Општина Струмица, Општина Гази Баба и Општина Тетово се преговарало и се извршила исплата на доверители за кои Општините не ги пријавиле во електронскиот систем, онака како што законот наложува. Во Општина Кичево, незаконската исплата на овие доверители е во вкупен износ од 4.039.526 денари, додека во Општина Струмица износот на незаконски исплати на доверители е во вкупен износ од 444,057 денари. Општина Гази Баба исплатила вкупно 1.146.225 денари спротивно на законот, а на ист таков начин Општина Тетово пак исплатила износ од 941.657 денари.

Општина Пласница исплатила износ од 1.292.000 денари за обврски кои не биле доспеани, односно сеуште не биле утврдени како долг, иако средства од Буџетот биле наменети за доспеани обврски согласно законот, што повторно укажува на непостапување согласно законските одредби.

Општина Демир Хисар пак, и покрај тоа што ниту еден доверител не се пријавил на јавниот повик, како предуслов за исплата на средствата предвидени со законот, наместо да ги врати доделените средства во Буџетот на РМ, онака како што е со Законот предвидено, исплатила средства во износ од 1.320.434 денари.

Општина Битола наместо да им даде приоритет на исплата на обврските на единките корисници кон останатите доверители и со тоа да го потпомогне нивното работење, 70,49% или 110.667.388 денари од вкупно доделените средства од буџетот (156.993.542 денари) ги искористила за полнење на сопствениот буџет!

Имено, за секое постапување во однос на ненаменското трошење и неправилностите, како и тоа кон кого се исплатувало Владата била информирана, што произлегува и од законските одредби, согласно кои до Владата се доставуваат извештаи до 30.11.2019 година.

Оттука, токму заради тоа што мојата функција пред се има за цел да придонесе кон фер организирање на изборите, сметам дека Министерството за финансии, заедно со Владата наместо да манипулираат со податоците, треба да им одговорат на граѓаните, зошто и покрај констатациите за незаконитоста при постапување и видно утврденото ненаменско трошење на буџетски средства не се преземени соодветни мерки.

- Зошто овие средства не се вратени во Буџетот согласно законот ? - Зошто се фаворизирале доверители? - Зошто се исплаќало спротивно на закон? - Зошто за градоначалниците на овие општини и раководните лица на односната единка корисник не важат законите, и не се казнети со предвидените глоби - Зошто Владата и Министерството за финансии не ги известат граѓаните за ненаменското трошење на нивните пари, или тоа би влијаело на претстојните избори?

Од ваквото постапување и неследењето на наменското трошење на буџетските пари, логично се наметнува прашањето, за тоа како се раководи со јавните финансии.... и дали со овој закон се поттикна наградување на тие што ги задолжувале своите граѓани, а се казнија тие што биле домаќини?!?

Прес конференција на дополнителниот заменик министер во Министерството за финансии Гордана Димитриеска - Кочоска



Автор: Администратор
Објавено на: 03/03/2020 14:53