Овие три години доживеавме стагнација во секое поле. Иновативноста, вложувањата во образованието, културата и сегментите кои би требале да се моторот на прогресивноста во една земја се запоставени. Имаме култура која стана предмет на политичка трговија, програми и пари кои се делат, не по квалитет туку по бизнис и политички мотиви, образование кое не е во фокусот на владата, и од кое започнува да се прави политика. А, губат младите и идните генерации, но најважно од се губи државата, истакна Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски при денешната промоција на дел од проектите со кои партијата ќе ги бара гласовите на граѓаните.

- Потребно е вртење на нова страница и воспоставување на концепт на обнова која ќе донесе коренити реформи, квалитет и мотивација во образованието и културата.

Затоа како прво се обврзуваме на обнова која ќе опфати изградба на нови 20 и реконструкција на најмалку 50 училишта во Република Македонија. Повеќе училишта за подобри услови и поквалитетно образование. Новите 20 училишта и реконструкцијата на минимум 50 постојни ширум државата ќе значи пристојни услови за работа и инвестирање во идните генерации. Голем дел од постојните училишта функционираат во супстандардни услови и тоа мора најскоро да се промени веднаш по формирањето на новата Влада на ВМРО-ДПМНЕ.

Се обврзуваме на обнова која ќе донесе поголеми примања за Универзитескиот наставен кадар. И тоа воспоставување на методологија со која ќе обезбеди и ќе ги зголеми примањата на наставно образовниот кадар на универзитетите. И тоа до 100.000 денари за редовните универзитетски професори, до 80.000 денари за вонредните професори, до 60.000 денари за доцентите и до 45 илјади плата за асисистентите на факултетите. Ова значи 2.5 пати повеќе од тоа што денеска го обезбедува државата.

Ќе повторам, ќе дефинираме методологија според која редовните професори на универзитетите ќе имаат можност да дојдат до месечни примања од 100.000 денари загарантирани од државата. Вонредните 80.000, доцентите 60.000 и асистентите 45.000 денари.

Квалитетното високо образование подразбира инвестирање во подобри услови за работа, средства и други лабораториски ресурси, но и мотивиран кадар. Токму со оваа мерка ќе се стимулира квалитетот и мотивацијата на универзитетскиот наставен кадар. Да не ни се случува асистенти и доценти од универзитетите да напуштаат наставно образовен процес и да бараат подобра иднина поради тоа што примањата се 20-25.000 или нешто помалку од тоа.

Се обврзуваме на обнова која ќе значи поголеми плати за професорите во основното и средното образование. Тоа подразбира доследно почитување на Колективниот договор. Доследно почитување на Колективниот договор и повисоки плати на наставно образовниот кадар во основното и средното образование.

Се обврзуваме на обнова која ќе опфати средно стручно образование во функција на стопанството, односно дуално средно образование. Ќе пристапиме кон проширување на дуалниот систем на стручното образование по принципот учење преку работа на реално работно место, кој ќе развие и стручни компетенции и вештини за адаптирање во работниот однос. Ваквата реформа ќе овозможи брзо вработување на стручниот кадар во компаниите во Македонија, со соодветно вреднување на трудот на работниците и се разбира ќе го намали иселувањето на млади луѓе од наша земја.

Ова е многу важно затоа што на сите состаноци до сега со стопанските комори без разлика на која Стопанска Комора станува збор ова ни беше еден од основните теми на разговор. А, тоа е како да се обезбеди квалитетен повисок образован но и пониско образован кадар.

Се обврзуваме на обнова која ќе овозможи најмалку еден Универзитет во првите 1.000 според Шангајската листа за квалитет. Денес нема Универзитет од Македонија кој е меѓу 1.000 најдобри во светот. Македонија не постои на мапата за квалитет во високото образование. Ние тоа ќе го овозможиме со најмалку еден универзитет кој според својот квалитет ќе се рангира на Шангајската листа. Да бидеме извозник на наука, да бидеме извозник на знаење. Да се обидеме во нашата држава, во Македонија, на нашите универзитети да донесеме студенти покрај тие кои што се тука дома, Македонија, да донесеме студенти и од надвор. Луѓе кои што ќе го стекнуваат своето образование овде во Македонија.

Се обврзуваме на обнова која ќе донесе зголемување на инвестициите во образованието од 3.7% на 5% од БДП што ќе значи повеќе пари во образованието. Со оглед дека состојбата на образованието е незадоволителна, неопходно е за оваа област, која е темел и столб на нашата иднина да се одвојат повеќе средства од буџетот. Покачувањата на стапката од 3.7% на 5% ќе овозможи спроведување на неопходните вистински, не само декларативни реформи во образованието, истакна Мицкоски.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/03/2020 15:48