Повеќе проекти од областа на културата и образованието денеска презентираше Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Мицкоски вети дека доколку ја добие довербата од граѓаните да ја раководи следната Влада културата ќе доживее вистинска обнова.

- Се обврзуваме на обнова која ќе донесе намалување на ДДВ од 18 на 5% во културата. Ова ќе значи повеќе заштеда за граѓаните и повеќе достапна култура. Ова ќе се однесува за уметнички дела, за организирање на културни настани – продажба на билети, за изнајмување на простор, за организирање на културни настани во институциите од културата, а ќе придонесе и за стимулација на самоодржливоста на институциите.

Ќе повторам намалување на данокот на додадена вредност во културата од 18 на 5%.

Се обврзуваме на обнова која ќе опфати изградба на нови театри во Прилеп, Охрид и Скопје. Конечно Прилеп и Охрид ќе добијат комплетно нови театарски згради, а Скопје уште една нова современа зграда за театар.

Се обврзуваме на обнова која ќе опфати реконструкција на зградата Музеј на Македонија согласно современите архитектонски стандарди. Повторувам согласно современите архитектонски стандарди.

Се обврзуваме на обнова која ќе значи капитален проект за Дигитализација на културното и уметничкото наследство, а воедно истото да го сочуваме од заборавот на времето кое ќе стане подостапно за јавноста.

Се обврзуваме на обнова која ќе опфати Инвестиција во македонски брендови и креативни индустрии. Ова значи финасирање и системска поддршка за развојот на креативните индустрии во културата како економски ресурс за креирање нови работни места, приходи и одржлив развој.

Се обврзуваме на обнова која ќе овозможи Делегиран буџет за културните установи. Ова подразбира сигурност во финансирањето на проекти во културата, но и мотивација за награда за најуспешните.

Се обврзуваме на обнова која ќе значи Унапредување на македонскиот јазик како наше идентитетско обележје. Ова опфаќа сет мерки како изработка на Корпус на македонскиот јазик, Академска граматика и Етимолошки речник, поддршка на изданијата за Правописот на македонскиот јазик.

Се обврзуваме на обнова која ќе овозможи стимулирање на бизнис секторот да инвестира во културата. За таа цел ќе направиме измени во постојниот закон со кој ќе се овозможи повеќе инвестиции на стопанството во сферата на културата, олеснувања кои ќе овозможат поттикнување на бизнисот да насочува повеќе средства во развојни проекти во културата.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/03/2020 17:11