Движењето Антикоцкање од Тетово во знак на незадоволство што нема измени во Законот за игри на среќа најави дека ќе го блокира сообраќајот на автопатот Тетово-Скопје. Тоа, според нив, ќе се направи на денот кога ќе почне предизборната кампања.

-Ги информираме граѓаните и граѓанските здруженија дека на денот кога почнува предизборната кампања Движењето ќе го блокира одвивањето на сообраќајот на автопатот кон Скопје, кај патарината кај Желино од 10 часот, истакна на прес-конференција, Џемал Абдиу, претставник на Движењето „Антикоцкање“.

Тие се незадоволни што политичките партии во Собранието не го ставија законот на дневен ред на седница, иако имало комисиска расправа.

-Причината поради која го немаме долгоочекуваниот закон се двете партии СДСМ и ВМРО ДПМНЕ. Рековме дека јавно ќе ги демаскираме сите оние кои што ќе застанат на страна на коцкањето и не го усвоија законот, рече Абдиу, повикувајќи ги партиите во изборната програма приоритет да им биде Законот за игри на среќа.

Главното барање на „Антикоцкање“ е дислокација на објектите каде се приредуваат игрите на среќа.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/03/2020 12:51