Партиите од германската владејачка демохристијанска-социјалдемократска коалиција синоќа постигнаа договор за прифаќање на 1.500 малолетни бегалци од грчките острови, нагласувајќи дека ова е решение во рамките на договор на ниво на Европската унија.

– Постојат сигнали дека и други земји од Европската унија, како Франција, може да придонесат за заштита на посебно загрозените малолетни бегалци од грчките острови, изјави лидерката на владејачката Христијанско-демократска унија (ЦДУ), Анегрет Крамп-Каренбауер за јавниот сервис Дојчландфанк.

Крамп-Каренбауер истакна дека Германија намерно посегнала по решение за кое не е потребна согласност од сите членки на ЕУ. Таа нагласи дека во моментов се бара „Коалиција на оние кои имаат волја“ меѓу земјите на ЕУ со цел да се организира прифаќање на одреден број малолетни бегалци.

Во изјавата на партиите на владејачката коалиција се потенцира важноста да и се помогне на Грција да ги заштити надворешните граници на ЕУ, но оти на Грција исто така и треба помош во грижата за бегалците.

– Редот и хуманитарноста често одат заедно. Затоа сакаме да и помогнеме на Грција кога станува збор за тешката хуманитарна состојба, се вели во изјавата на коалициските партии.

Во рамките на акцијата, Германија е подготвена од грчките острови да прифати 1.000 до 1.500 деца, а се работи за малолетните лица кои имаат потреба од итна медицинска помош или се без придружба и помали од 14 години.

Во соопштението се потенцира дека „се работи претежно за девојчиња“.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/03/2020 13:33