​НСДП донесе одлука за продолжување на соработката со досегашните коалициски партнери и заеднички настап на претстојните предвремени парламентарни избори.

НСДП цени дека стратешките интереси на државата на патот за заокружување на евроатланските интеграции, продолжувањето на реформите на правниот систем и започнатите економски политики кои водат кон подобрување на животниот стандард на граѓаните на Македонија бараат концентрирање на прогресивните политички сили во земјава и нивен заеднички настап на претстојните парламентарни избори.

НСДП ги утврди кандидатите за пратеници за заедничките коалициски листи. Потпретседателот на партијата Горан Мисовски ќе се најде на петтото место на коалициската кандидатска листа во првата изборна единица, додека пак потпретседателката Соња Мираковска на второто место во четвртата изборна единица.

НСДП ја усвои и предизборната програма на партијата во која се утврдени приоритетите и определбите кои ќе бидат промовирани и застапувани во предизборниот и постизборниот период на политичката сцена. Тргнувајќи од социјалдемократијата како темелна и трајна идеолошка определба се утврдени неколку програмски приоритети, на кои ќе се даде фокус во изборната кампања од страна на партијата. Во оваа насока, НСДП ја реафирма потребата за револуционерни и темелни промени во сферата на работните односи кои ќе бидат насочени кон изедначување на капиталот и трудот, по принципот – заеднички профит од успехот и заеднички ризици од неуспехот.

Образованието и науката, здравството и културата во својата програма НСДП ги препознава како врвни национални приоритети, чие унапредување и квалитет се клучни претпоставки за општество на благосостојба и изградба на општествени капацитети за одговор на предизвиците кои ги поставува глобализираниот свет во дваесет и првиот век.

Служба за односи со јавност на НСДП



Автор: Администратор
Објавено на: 11/03/2020 17:42