Ова е момент за единство, за ангажирање на сите расположливи ресурси, максимална професионалност и посветеност за да можеме сите заедно да ги надминеме сериозните предизвици со кои се соочува приватниот бизнис сектор и целата македонска економија поради ситуацијата со вирусот КОВИД-19, порачува Стопанската комора на Македонија.

Комората ги поздравува активностите за превенција и заштита, информира дека е во постојана комуникација со Владата и изразува целосна подготвеност за соработка.

-Во услови кога случувањата поврзани со коронавирусот силно ги погодија големите светски економии, логично е да се очекува дека и малите економии, како што е македонската, ќе претрпат несакани последици. Потенцијалот на последиците не смее да се потцени, а нивната големина ќе зависи од подготвеноста на сите вклучени страни да преземат решителни и навремени чекори за минимизирање на можните негативни економски ефекти. Во тој контекст, Стопанската комора на Македонија и деловната заедница претставена преку Комората ја изразува својата подготвеност во целост да соработува во насока на остварување на оваа цел, наведува Комората.

Информира и дека е договорено, сите заклучоци, мерки и препораки кои се носат на државно ниво да се комуницираат со стопанските комори кои на дневна основа ќе ги информираат своите членки.

-На барање на Стопанската комора на Македонија, Владата ги задолжи сите министерства да формираат свои тимови, со посебна електронска пошта и телефонска линија на која ќе се даваат информации во однос на административните прашања во врска со спроведување на препораките и мерките за справување со КОВИД-19 за да може сите засегнати да се обратат со прашања кои ги засегаат. Дополнително, Комората перманентно ги известува своите членки и за сите релевантни информации за најновите случувања во земјата и регионот во поглед на сообраќајот, прекуграничните премини,…

Во комуникацијата со Владата се пренесуваат и сите други отворени прашања, проблеми и можни негативни последици што компаниите секојдневно ги комуницирале со Комората.

-Ги охрабруваме компаниите да продолжат со својата комуникација со Комората затоа што сето тоа понатаму се проследува до надлежните институции и се создава амбиент за носење на правовремени и квалитетни одлуки. Во однос на идните чекори, на вчерашниот состанок во Владата беше договорено коморите во најкраток можен рок да достават податоци за секторите кои се погодени во моментот, секторите кои дополнително може да бидат погодени во наредниот период, причините и проблемите со кои се соочуваат во моментот, причините и проблемите што може дополнително да се јават во одредени сектори, како и предлог – мерки за поддршка на приватниот сектор поради влијанието од корона вирусот. Координатор на сите овие активности е Стопанската комора на Македонија преку Платформата за јавно приватен дијалог, истакнува Стопанската комора.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/03/2020 21:12