Државјанин на Македонија на возраст од 35 години загина во сообраќајна несреќа што се случи во близина на автопатската клучка кај Белград во смерот кон Добановци, кога се судриле автомобил и камион со полициска придружба.

Во истата несреќа, што се случи синоќа, четворица други се повредени и се згрижени од Службата за брза помош. Несреќата е предизвикана од камион кој се движел во конвој, но за причините за несреќата ќе утврди со истрага, соопштија од српското МВР.

Во несреќата учествувале четири возила од конвојот, меѓу кои и возач од Полска, за кој постои сомнение дека ја предизвикал несреќата. На него му е одреден притвор до 48 часа.

Инаку, камионите што транзитираат низ Србија имаат полициска придружба, со цел да се спречи ширењето на коронавирусот и тие не смеат да застануваат таму каде што сакаат, туку само на местата предвидени за таа намена.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/03/2020 11:53