Дневната пресметка на здравствените власти денеска во Белгија изнесува 187 нови заболени во земјата, и седум починати. Болниците подготвуваат нови стратегии, јавува дописничката на МИА.

И покрај мерките на изолација, 1795 лица се заразени од коронавирусот во Белгија, а вкупниот број мртви достигна 21 денеска.

Најголемиот број заразени се наоѓа во Фландрија, на северот, најмал број има во Брисел и околината.

Од вкупниот број заболени, 634 се хоспитализирани, 30 се на интензивна нега, а 88 на респираторна асистенција.

Комитетите за етика од универзитетските центри подготвуваат стратегии за третирање на пациентите, односно да им се дава приоритет на помладите и поздравите во случај на преоптоварување на здравствениот систем.

За сега системот сѐ уште се справува со обемот, но здравствените власти очекуваат тој да биде преоптоварен во наредните денови или недели.

Но, пристапите не се исти во сите комитети, а здружението на работници во итната помош исто така нуди други алтернативи.

Една од дилемите е, на пример, доколку се пријават двајца пациенти во слична состојба и со слични симптоми и шанси за преживување – на кој треба да му се даде приоритет? Во принцип, пристапот е да се третира првиот што пристигнал во болница.

Се очекува во наредниот период да се интензивираат овие дебати.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/03/2020 12:26