Во Собранието на Косово нешто пред 12 часот започна вонредната пленарна седница на која се расправа за барањето на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) за гласање доверба на владата на премиерот Албин Курти јави дописникот на МИА од Приштина.

Откако беше утврдено дека на седницата присуствуваат 106 од 120-те пратеници во Собранието, парламентарната спикерка Вјоса Османи го повика шефот на пратеничката група на ЛДК Арбен Гаши да го образложи барањето за смена на Владата, во која учествува и неговата партија.

Гаши нагласи дека повод за барањето на ЛДК е смената на нејзиниот министер за внатрешни работи Агим Велиу од страна на Курти, како и неговото упорно одбивање да ја укине таксата од 100 отсто на увозот од Србија и БиХ, како што тоа го бараат Соединетите Американски Држави.

– Премиерот го загрози најзначајното сојузништво на Косово, до таа мерка што се најавува и повлекување на американската војска од Косово, нагласи Гаши.

Тој ги повика пратениците да гласаат за смена на актуелната влада, со цел да се избере нова влада која ќе биде на висина на задачата за справување со бројните предизвици, меѓу кои и соочување со епидемијата на коронавирусот.

Собраниската седница се одржува под вонредни мерки поради епидемијата, на тој начин што во пленарната сала е обезбедена физичка дистанца меѓу пратениците.

Седницата започна со едноминутно молчење по повод смртта на познатата косовска актерка Лезе Ќена, која почина денеска на 85-годишна возраст.

Седницата продолжува со обраќање на шефовите на пратеничките груи, по што се очекува да се отвори расправа по единствената точка на дневниот ред.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/03/2020 13:59