Според некои проценки, речиси 70 проценти од светското население би можело да биде заразено со новиот коронавирус, а стапката на морталитет варира од 0,9 проценти до 3,4 проценти, според различни извештаи.

Светската здравствена организација соопшти дека 14 проценти од луѓето со Ковид-19, болест предизвикана од новиот коронавирус, развиваат тешка клиничка слика и имаат потреба од хоспитализација и „поддршка“ со кислород.

Но, пресметувањето на шансите за преживување во рана фаза на пандемија не може да биде прецизно. Не може да има прецизна пресметка, бидејќи здравствените работници не знаат колку луѓе се заразени, но не развиле симптоми или биле толку благи што не побарале лекарска помош.

– Ние нема да го знаеме целиот степен на болеста сè додека не „фатиме воздух“ и не ги анализираме податоците, изјави американскиот имунолог Џин Олингер.

За да утврдат кој е најранлив, научниците ќе треба да земат предвид фактори како што се климата, пристапот до здравствената заштита и генетиката. Туберкулозата, на пример, се уште убива еден и пол милиони луѓе низ целиот свет годишно, но зачестеноста варира значително во зависност од климата и географијата.

Во развојот на досегашната пандемија, една шема се издвојува без некоја научна анализа: најранлива група се старите лица, особено оние со претходни заболувања.

Стручна група на Светската здравствена организација (СЗО) ја посети Кина минатиот месец и откри дека стапката на морталитет кај сите возрасни групи на претходно здрави луѓе е 1,4 проценти.

Но, кај оние кои претходно имале кардиоваскуларни заболувања тоа е 13,2 отсто, кај дијабетичарите 9,2 отсто, висок притисок 8,4 отсто, кај оние со хронични респираторни заболувања осум проценти и 7,6 отсто кај пациенти со карцином.

Во меѓувреме, пациентите над 80 години починале по стапка од 21,9 проценти.

Посебна студија објавена минатиот месец од страна на научници од кинескиот Центар за контрола и превенција на болести, спроведена на 45.000 потврдени случаи на Ковид-19, покажа дека вкупната смртност е 2,3 проценти, но скока на осум проценти за пациентите на возраст од 70-ина години и на 14,8 кај постари од 80 години.

Бидејќи и двете од овие студии беа спроведени во Кина, што е недоволно разновиден примерок, британските научници од Кралскиот колеџ во Лондон ја спроведоа анализата на глобално ниво. Според нив, вкупната стапка на смртност е 0,9 проценти, но се искачува на 2,2 проценти кај пациентите на шеесетина години, на 5,1 процент во седумдесетина години и на 9,3 проценти во осумдесети години и постари.

– Сосема е јасно дека возраста игра голема улога. Како што стареете, вашите шанси за преживување се намалуваат, вели вирологот од Хонг Конг, Малик Перис.

Иако годините се најголем ризик, тие во никој случај не се единствени.

Во сите досегашни анализи, откриено е дека висок крвен притисок, дијабетес и срцеви заболувања придонесуваат за потешка клиничка слика на пациентите.

Перис вели дека постојните податоци се само врв на ледениот брег. Бројни непознати случаи може да ја зголемат стапката на смртност кај која било страна.

– Ова се случи во 2009 година со пандемија на таканаречениот свински грип, односно вирусот Х1Н1. Во првите денови, стапката на смртност се чинеше дека е два проценти. Со текот на времето, научниците барале антитела на Х1Н1 во примероци од крв кај општата популација, откривајќи дека многумина се заразиле и се опоравиле и не знаеле дека се болни. Кога сите овие случаи се вклучени во статистиката, стапката на смртност се намали на само 0,002 проценти, рече Перис.

Според него, важно е да се знае стапката на смртност.

Многу земји зборуваат за агресивни мерки кои се многу тешки за економијата затоа што претпоставуваат дека стапката е еден процент или повисока. Ако знаете дека е за еден процент пониска, мерките ќе бидат сосема различни. Одговорот на инфекцијата се заснова врз неговата тежина”.

ДПА/Германија



Автор: Администратор
Објавено на: 27/03/2020 01:06