Ние како мали или микро претпријатија кои најчесто бројат до 10 вработени и како правни субјекти од најразлични гранки, почнувајќи од бутици, книжари, цвеќарници, фризерски и козметички салони, школи за странски јазици, игротеки, автоперални и останати не опфатени во ниту едно здружение или посебна Комора би сакале на овој начин да ги искажеме нашите барања и да ја информираме јавноста.

Сите ние без разлика на дејноста која што ја извршуваме во изминатиот месец и претстојниот период не сме во можност да ги плаќаме нашите обврски. Се разбира тука спаѓаат кирии, плати на вработени, режиски трошоци а кај многу од нас и рати за кредити.

Некои од нас како што се центрите за странски јазици, теретани, спортски клубови и др. со одлука на Владата, а како мерка за заштита од ширење на новиот Корона вирус (Sars-Cov19) на ден 11.03.2020 престанавме со извршување на нашата дејност обука во училници и останати затворени простории.

Останатите од истите причини или поради намалување на обемот на работата и дополнително создавање на трошоци како што се трошоци за затоплување, одржување на хигиена, дезинфекција беа принудени да ги затворат своите објекти. Со тоа сите наши приходи престанаа или значително се намалија, а останатите тековни прошоци како и плати за вработените продолжија да течат.

Имајќи ја во предвид неизвесноста во моментот и случувањата со ширењето на вирусот и прогласувањето на вонредна состојба доколку не добиеме финансиска помош ќе бидеме приморани да ги затвориме своите фирми. Со тоа повеќе од 100 вработени и нивните семејства ќе бидат доведени на работ на преживување со оглед и на фактот дека на многумина им е семеен бизнис или единствен начин на приходи и егзистенција.

Сите овие фирми освен егзистенција на голем број на семејства редовно си ги подмируваат сите обврски кон државата и другите институции.

Согледувајќи ја моменталната состојба и неможноста за подмирување на нашите доспеани долгови, а и долговите кои ќе настанат во периодот што следи доколку не добиеме никаква помош ќе мораме да ги отпуштиме нашите вработени како прва мерка,а после тоа би следело наше понатамошно задолжување и на крај затворање на фирмите.

Се надеваме дека ќе наидеме на разбирање и ќе ни помогнете во овој период кој е навистина тежок како за државата така и за нас како правни субјекти и со тоа би успеале да се справиме со настанатата финасиска криза и би продолжиле со својата дејност и по завршување на кризата.

Имајќи ги во предвид горе наведените причини и проблеми нашите барања се:

●Субвенционирање на Бруто плати за управител и сите вработени за март, април и мај

●Замрзнување на рати за кредити

●Замрзнување на сите доспеани долгови кон јавни институции пред и за време на Вонредната состојба како и најмалку 1 месец по завршување на истата.

●Замрзнување на сите режиски трошоци додека трае кризата и најмалу 1 месец по завршување на истата.

●Давање на препорака на сите приватни лица кои издаваат деловни објекти за замрзнување на долговите на име на закуп.

Со почит,

Неформално здружение на услужни и трговски друштва од Куманово



Автор: Администратор
Објавено на: 29/03/2020 00:52