Ако сакате да ја поттикнете економската активност мора да ја стимулирате потрошувачка, тоа е еден од основните постулати за справување со секоја криза, порача вечерва поранешниот советник во Министерствтото за финасии, Бранимир Јовановиќ.
– Ако кратите плати на јавната администрација вие практично правите тие помалку да трошат и вештачки си креирате или ја продлабочувате економската криза затоа што тие помалку ќе трошат. Економската активност поради тоа и ќе се забавува, рече Јовановиќ гостувајќи во емисијата Топ тема на ТВ Телма.
Тој нагласи дека ниту еден економист не ја поддржува мерката за кратење на платите во администрацијата поради актуелната состојба предизвикана од коронавирусот, потенцирајќи дека станува збор за околу 100 илјади лица, односно 100 илјади семејства што ќе бидат погодени од оваа мерка, со што практично средната класа се сведува на сиромаштија.
– Искрено не слушнав економист што ја поддржа оваа мерка. Читав периодов интервјуа, изјави од неколку економисти и Ванчо Узунов, и Петар Гошев и Абдулменаф Беџети, сите тие беа против таа мерка. Зошто? Затоа што е многу јасно. Не можете да зборувате за солидарност односно во име на солидарност да кратите плати на оние коишто заработуваат по 400 евра плата, а да ги оставате оние коишто имаат плати од неколку десетици илјади евра, смета Јовановиќ.