Во изминатите 24 часа во Франција се регистрирани нови 588 смртни случаи од Ковид-19, со што бројот на жртвите се искачи на повеќе од 6.500, јави дописникот на МИА.

Околу 83 отсто од починатите се на возраст со повеќе од 70 години.

Во домовите за нега на стари и знемоштени лица бројот на починатите достигна 1.416 од почетокот на епидемијата, со што вкупниот број изнесува 6.507. Истовремено во 3.000 такви домови се потврдени 17.800 лица заболени од Ковид-19.

Бројот на лицата кои се примени на интензивна нега е помал во споредба со претходните денови, само 263 пациенти, во споредба со 382 вчера.

Досега се излекувани во болница 14.008 лица, односно 1.580 излегле од болница во изминатите 24 часа.

Во моментов во болниците од Ковид-19 има уште 27.432 лица, од нив 6.662 се на интензивна нега, односно 641 повеќе од вчера. Од нив 35 отсто се под 60-годишна возраст. Покрај тоа, 93 лица примени на интензивна нега се под 30 години.

-Никогаш немало толку многу луѓе на интензивна нега во Франција за една патологија, нагласи Жером Саломон, главен здравствен инспектор на Франција.

Тој притоа додаде дека Франција се уште не се наоѓа на врвот од бранот (од епидемијата) и уште помалку на почеток на неговото намалување.

Во раните вечерни часови, министерот за внатрешни работи Кристоф Кастанер ја потврди важноста да се почитува мерката за ограничено движење за „спасување животи“ против пандемијата со„Ковид-19“.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/04/2020 00:19