Кога луѓето речиси од целиот свет се затворени во своите домови, постојат предупредувања дека оние што живеат во семејство каде што владее насилството можат да станат скриени жртви на пандемијата.

Во Велика Британија, повиците кон националната линија за насилство се зголемиле за 65 проценти минатиот викенд, според комесарот за злоупотреба за Англија и Велс. Во меѓувреме ОН предупредуваат дека жените во посиромашните земји и помали домови веројано ќе имаат помалку начини да пријават насилство.

Би-би-си разговараше со две жени кои се затворени со мажи за кои велат дека ги злоупотребувале.

Гета, Индија

Гета се буди секое утро во пет часот, нејзиниот сопруг лежи до неа на подот. Тој ‘рчи многу гласно.

Минатата вечер тој дојде дома пијан и вознемирен. Појавата на коронавирусот во Индија значи поретко да се користи јавниот превоз, па како возач, примањата на Вијај се намалија од 1.500 рупии дневно (нешто повеќе од 18 евра) на 700 рупии (околу девет евра) дневно.

„Колку долго ќе биде вака?“ викна тој, фрлајќи го шишето алкохол во ѕидот. Децата на Гета се скрија зад неа за да се засолнат.

За среќа, Вијај легна на малиот душек што целото семејство го делеше и заспа веднаш по испадот.

„Ми требаше време да ги смирам децата“, вели Гета. „Го имаат видено нивниот татко изнервиран многу често, но овие неколку недели е полошо. Го имаат видено како фрла работи во ѕидот и ме влече за коса.“

Сопругот на Гета ја има удрено многу повеќе пати отколку што таа може да се сети. Првпат тоа се случило вечерта на нивната венчавка. Таа се обидела да го остави еднаш, но не ѝ дозволил да ги земе децата.

Тие живеат во семејство со мали примања, наречено мохала, во рурална средина.

На обичен ден, Гета пешачи еден километар до најблискиот бунар за да донесе вода дома, потоа разговара со соседите чекајќи да пристигне возилото со продукти.

Откако ќе ги купи потребните продукти за целиот ден, Гета почнува да подготвува појадок. Нејзиниот сопруг заминува во седум часот, а се враќа дома за ручек и спие, па заминува повторно откако двете најстари деца ќе се вратат од училиште.

„Работите се сменија кога училиштата се затворија на 14 март, вели Гета. „Децата се дома цело време и тоа почнува да му пречи на мојот сопруг.“

„Обично неговиот бес го чува за мене, но почна да вика и по нив за банални работи, како на пример, за тоа што оставаат шолја на подот. Потоа јас ќе кажам нешто за да го насочам неговиот бес кон мене, но колку повеќе сме заедно, имам сè помалку начини да му го одвлечам вниманието.“

Гета имаше план. Додека нејзинот сопруг е на работа и откако ќе ја исчисти куќата, таа оди во канцеларија надвор од соседството.

Таму посетува часови организирани од заедницата, каде што жените учат да шијат, да читаат и да пишуваат.

Гета сака да стекне доволно вештини за да може да биде финансиски самостојна и да се пресели со нејзините деца. За време на часовите се запознала со советници кои се обучени да им помогнат на жртвите од семејно насилство.

Но откако Индија на 24 март прогласи карантин на територијата на цела држава сето ова прекина. Часовите завршија и советниците на заедницата не можат да ги посетуваат ранливите жени.

Вимлеш Соланки, волонтер во „Самбхали фонд“, организација што ги поддржува жените во Џодпур, втор по големина град во Раџастан, вели дека коронавирусот ги доведе жените во опасност.

„Целосен карантин значи дека секој ден им е нарушен. Сега нема локални продавници со автомобили, па мора да патуваат подолго до супермаркетите за храна, секој ден.“

„Стресна ситуација како оваа значи дека има повеќе причини да се активираат нивните веќе насилни партнери.“

Каи, Њујорк, САД

Каи го извади телефонот и почна да пишува полека. „Мајка ми сака да останам со тебе.“ Ја испрати пораката, а одговорот го доби многу брзо. „Во ред.“

Минатата недела тинејџерката се врати во куќата во која вети дека никогаш повеќе нема да влезе.

„Во истиот момент кога влегов мојот мозок се исклучи.“ Вели Каи. „Сè се исклучи, секое чувство.“

Таа се пресели кај нејзиниот татко, човекот за кој вели дека физички и сексуално ја злоупотребувал со години.

Пред две недели Каи мислеше дека коронавирусот е нешто што ќе го снема со новите вести. Но потоа работите се сменија.

Вработените во продавницата каде што работи мајка ѝ стануваа нервозни. Веста дека вирусот ги преминал бреговите и се проширил во повеќе од 170 земји и дојде и во Њујорк ги правеше луѓето нервозни.

Работењето во продавница значи комуникација со луѓе секојдневно.

Мајката на Каи и нејзините колеги биле загрижени за контактот со луѓе, но тие не морале да се грижат уште долго. Продавницата одлучи дека ќе се затвори на неодредено време и вработените ќе бидат само вишок.

Мајката на Каи ја загуби саатницата од 15 долари и ѝ било кажано дека ќе има здравствено осигурување само пет дена.

Тоа се одразило на мајката на Каи, која имала нарушено ментално здравје подолг период од животот на Каи.

Таа имаше напади. Почна да вика дека работите се луди и дека треба да живеам со мојот татко.

Зборовите испратиле ладен грч во вените на Каи. Се вратила во нејзината соба, надевајќи се дека ако ѝ даде време на мајка ѝ, работите ќе се сменат. Но кога се симнала долу, мајка ѝ само ја прашала „Зошто си уште тука?“.

Поминаа само неколку месеци откако Каи почнала да посетува терапија поради долгите години од физичко и сексуално злоупотребување што го искусила од нејзиниот татко. Таа вели дека тој ја злоупотребувал уште кога била дете. Таа сè уште им се нема доверено на нејзината мајка и сестра за насилството.

Каи вели дека терапијата ѝ помага и чувствувала дека има повеќе контрола. Имала надеж за иднината.

Потоа засолништето каде што одела на терапија се затворило поради коронавирусот. И минатата недела таа се преселила кај нејзиниот татко.

„Тој е тука со мене цело време“, шепоти таа. „Преку ден гледа телевизија на неговиот компјутер во дневната соба. А навечер го слушам дека гледа порно.“

Знае дека е буден кога ќе го слушне дека прави смуди. „Го мразам многу, многу е гласно, звукот на блендерот ме скаменува. Тоа е почеток на мојот ден, кога треба да бидам будна.“

Каи не спие многу откако се преселила кај нејзиниот татко, бидејќи нејзината врата не се заклучува.

Има рутина на физичка злоупотреба, се случуваше кога Каи ќе направи нешто што го вознемирува. Па нејзиниот план е да не му застанува на патот и само да ја напушта собата кога мора да оди во тоалет и да си направи јадење во кујната.

Последен пат кога живееле заедно во куќата снемало струја и насилството беше доста лошо.

„Тој мисли дека живееме во чудно време во историјата, но не спомнува ништо за насилството“, вели Каи. „Тоа прави да се чувствувам како да полудувам. Нема сè уште ништо направено, но очекувањата ме убиваат.“

Каи ги поминува деновите на интернет. Неодамна гледала на Јутјуб видеоесеи за филмови. Таа ужива да гледа анализи за филмови што ги нема гледано.

Се надева дека нејзината мајка ќе се врати наскоро, или коронавирусот ќе помине и ќе може да најде место за живеење.

Никол Џејкобс, комесар за семејно насилство во Англија и Велс, вели дека полицијата е подготвена да се справи со растот на повици за семејно насилство.

„Се обидуваме да се погрижиме дека луѓето ќе разберат дека полицијата предвидува дека семејното насилство ќе се зголеми“, изјави Џејкобс за Би-би-си.

„Полицијата јасно даде до знаење дека тие повици ќе им бидат приоритет. Можете да се јавите на 999 и додека чекате некој да крене, накашлајте се или направете некаков звук и притиснете 5,5“.

Џејкобс додаде дека жените со несигурен имиграциски статус треба да ги тргнат бариерите и да немаат страв од депортирање, доколку пријавуваат насилство во вакво време.

Исто така, Џејкобс повика социјалните работници да добијат соодветна заштитна опрема за време на епидемијата на коронавирусот.

Очи и уши

Оваа сентименталност одекна од Фумзиле Мламбо-Нгкука, извршна директорка на ОН за жени, која изјави за Би-би-си дека луѓето кои работат со ранливи жени имаат итна потреба од заштитна опрема.

„Ни треба финансирање на работниците кои се на терен со ППЕ за да стигнат до заедниците и да ги проверат ранливите жени. Ова треба да биде приоритет и треба да има итно финансирање од глобалните влади.“

Таа вели дека, за разлика од САД и Велика Британија, каде што е зголемен бројот на повици за семејно насилство, случајот во неразвиените земји е различен.

„Невозможно е за жените со помала социо-економска заднина, во некои земји да пријават случаи на семејно насилство ако живеат во една или две соби со нивните насилници.“

„Пред само неколку месеци по најлошата појава на ебола во Западна Африка, кога научивме за зголемување на родово базирано насилство во домовите“.

Во меѓувреме, Џексон изјави дека сега е време за проактивен пристап за справување со семејното насилството во Велика Британија.

„Слушнавме за огромен број луѓе кои сакаат да волонтираат во НХС. Мораме да се осигуриме дека ги имаат потребните информации за да забележат семејно насилство бидејќи тие ќе бидат нашите очи и уши во заедниците.“

Би-би-си, Лондон



Автор: Администратор
Објавено на: 04/04/2020 09:08