Телеком ќе донира мобилен интернет за сите 30.000 основци и средношколци кои доаѓаат од семејства во социјален ризик за да ги следат наставните програми на платформите за далечниско учење, определени од Министерството за образование и наука, до крајот на учебната година, најави денеска директорот на Македонски телеком Никола Љушев.
Тој на денешната прес-конференција во Владата посочи дека далечинското учење е задолжително, но какао што рече, не сите деца ја имаат таа можност за да ги уживаат тие придобивки.
-Иако сме земја со фиксен интернет со пристап од околу 80-тина проценти од територијата околу 30.000 деца кои доаѓаат од семејства со социјален ризик или 18.400 домаќинства не се во можност да ја следат наставата. Во соработка со МОН и МИОА одлучивме дека можеме да најдеме заедничко решение на овој проблем. Телеком ќе донира мобилен интернет за овие ученици што е еден чекор напред кон решавање на предизвикот за обезбедување еднакви услови за дигитална настава за сите деца, рече Љушев.
Нагласи дека како Телеком имаат одговорност да обезбедат силна и стабилна интерент врска, но и морална обврска да придонесат за вклучување на сите деца во образовниот процес во услови на вонредна состојба.
-Вклучувањето на ранливите категории во дигиталното општество за нас не е ново, но е приоритет во услови во кои единствениот пат по кој се движиме е онлајн, потенцира Љушев