Владата излезе со препораки за организација на производниот процес на фирмите кои вршат дејност производство на прехранбени производи.

– Во погоните каде непосредно се врши производниот процес да се лимитира бројот на вработени до таа мера да работниците бидат на растојание од еден ипол до два метра. Во кланиците поради спецификата на производниот процес растојанието може да биде до еден ипол метар, наведуваат од владината прес-служба.

Вработените, додаваат, задолжително да носат заштитни маски, а оние во кланиците маската да ја менуваат на секои два до четири часа или во случај на нејзино оштетување или загадување со крв и друга нечистотија.

– Во самиот погон задолжително да се обезбеди средство за дезинфекција на раце и работни површини. За време на работното време од страна на вработените да се почитуваат општите препорачани мерки за повисоко ниво на лична и општа хигиена (зачестено миење на раце и приборот и опремата за работа). Да се забрани групирање за време на пауза во групи поголеми од максимум пет лица, велат во соопштението и додаваат да се врши почесто проветрување на работните простории односно повеќе пати во текот на денот и доколку е тоа можно (преку природна и вештачка вентилација).

Од Владата посочуваат редовно да се спроведува ДПП/ДХП базирани на HACCP принципите. Во случај на позитивен лабораториски потврден случај на Ковид-19 на вработено лице (со или без симптоми), лицето веднаш се изолира и испраќа дома и се советува веднаш да го контактира својот матичен лекар.

– Одговорното лице на фирмата го известува Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) и им доставува комплетни податоци за позитивниот работник/ци на Ковид-19 (име и презиме, адреса, тел.број) подготвува список на лица кои согласно работното место се во близина ( до него, пред и позади ) на работното место на позитивниот работник кој се предава на епидемиолошката служба од ЦЈЗ, посочуваат од владината прес-служба.

По направениот епидемиолошки увид од страна на ЦЈЗ и направената проценка на ризик, додаваат, се дефинира листата на лица кои со решение од Државниот санитарен и здравствен инспекторат се ставаат под здравствен надзор за домашна изолација во траење од 14 дена.

– По направеното темелно механичко чистење на погоните /просториите и направената дезинфекција од страна на овластена установа за ДДД, се продолжува со нормалниот производствен процес, се вели во соопштението.

Од Владата препорачуваат да се избегнува контакт на вработените лица од погоните меѓу себе во текот на работниот процес, а особено со административните службеници, а во случај на потреба од административна работа потпишувањето на хартиени документи да се спроведува исклучиво преку едно одредено лице кое носи лична заштитна опрема на себе (заштита маска и ракавици).

– Лицата задолжени за обезбедување на објектот и возачите кои дистрибуираат готови производи, репроматеријали, хартиени документи исто така да носат лични заштитна опрема. Да не се одржуваат состаноци/колегиуми и истите да се спроведуваат по телефон или на меил доколку е возможно или во сала со почитување на оддалеченост еден од друг од еден ипол до два метра, стои во соопштението



Автор: Администратор
Објавено на: 08/04/2020 17:09