Според најновите податоци, во светот досега се регистрирани 1.453.804 лица заразени со новиот коронавирус. Од нив починати се 83.588, а оздравеле 309.807 луѓе.

– Директорот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус потсети дека утре се навршуваат 100 дена од појавата на коронавирусот, поточно од денот кога кинеските власти го известија СЗО дека избувнала мистериозна пневмонија во градот Вухан.

– Во Бугарија има вкупно 593 потврдени случаи на Ковид-19, а починале вкупно 24 лица.

– Објавувањето на добитниците на Пулицеровата награда е одложено за 4 мај поради пандемијата на коронавирусот, соопштија денеска членовите на Одборот за награди. Добитниците на Пулицеровата награда за новинарство, литература и музика ќе бидат објавени на 4 мај преку стрим во живо.

– Француската Влада работи на создавање апликација за паметни телефони која ќе ги предупредува корисниците кога се во близина на заразен со коронавирус.

– Британскиот премиер Борис Џонсон денеска е „клинички стабилен“ во одделот за интензивна нега и добро реагира на терапијата која ја прима поради компликации од новиот коронавирус, соопшти неговиот портпарол.

– Во Холандија, бројот на потврдени случаи на коронавирусот е зголемен за речиси илјада, со што вкупниот број на заразени достигна 20.456, соопштија холандските власти. Од последниот пресек, починале уште 147 лица, и сега вкупниот број на жртви изнесува 2.208. Оздравеле повеќе од 250 пациенти.

– Во Москва досега се тестирани 248.979 лица, а во цела Русија 910.000 луѓе. Потврдени се 8.672 случаи на коронавирусот, а досега оздравеле 580 лица. Најмногу заразени има во Москва – 5.841. Според најновите податоци во Русија од Ковид-19 починале 63 лица.

– Египет ќе го продолжи полицискиот час во текот на ноќта за уште 15 дена до 23 април во рамките на борбата против ширењето на коронавирусот, изјави денеска египетскиот премиер Мостафа Мадбули. Аеродромите во земјата и понатаму ќе останат затворени.

– Во Иран во последните 24 часа починале уште 121 лице со што вкупниот број на жртви од Ковид-19 достигна 3.993. Бројот на новозаразени изнесува 1.997, а вкупниот број на инфицирани 64.586.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/04/2020 18:07