„Репортери без граници“ (РСФ) ги повикаа националните и европските институции да ги заштитат медиумите додека ја исполнуваат својата јавна мисија во ризичните услови на пандемијата Ковид-19, кога новинарите стануваат колатерални жртви на напади од различни непријатели на слободата на печатот – вклучително и некои влади, кои, како што посочуваат, ја користат вонредната ситуација за да се пресметаат со нивните критичари.

РСФ во своето соопштение го наведува примерот со српската новинарка Ана Лалиќ, која пишуваше за недостиг на заштитна опрема за здравствените работници во болницата во Нови Сад и притоа и беа одземени нејзиниот лап топ и службен телефон. Лалиќ одби да ги открие нејзините извори на информирање, па РСФ наведеува дека нивниот идентитет може да биде откриен со одземање на нејзината опрема за работа. Репортери без граници потестуваат дека следното утро новинарката била ослободена откако премиерката Ана Брнабиќ ја повлече одлуката на Владата за тоа дека само кризниот штаб може да дава информации за коронавирусот. Сепак, Лалиќ се уште може да добие до пет години затвор и парична казна.

Овој случај РФЗ го толкува како пример од еден „поширок тренд на Балканот и на истокот на Европската унија, како, како што се посочува во извештајот, репресивните закони за борба против Ковид-19 се користат за да се сузбие слободата на печатот.

РФЗ, исто така, наведува дека унгарската Влада, на неодреден период, ги зголеми овластувањата на премиерот Виктор Орбан. Унгарскиот Закон за вонредна ситуација заради коронавирусот воведува казни до пет години затвор за ширење лажни вести, додека, во пракса, Владата одлучува што е точно. Законодавството уследи по усогласените напади и закани против независните медиуми, обвинети за дезинформација, иако тие известуваа за Ковид-19 поодговорно од провладините медиуми.

РФЗ наведува дека и во Полска Владата донела остри закони, па по обвинување за прекршување на санитарните правила, незваисниот новинар Влодзимерц Циека минал два часа во полициска станица затоа што снимал протест на четири лица пред куќата на претседателот на владејачката партија. Протестот беше поради одлуката да не се одложат претседателските избори на 10 мај, со цел да се обезбеди победа на актуелниот претседател Анджеј Дуда. Одбивајќи одложување на изборите поради коронавирусот, владејачката партија усвои закон со кој се овозможува гласање по пошта, предизвикувајќи стравување кај опозицијата и невладините организации дека уставот, демократијата и независноста на медиумите се компромитирани.

Во Романија, со неодамнешниот претседателски декрет и владини правила, се дозволува произволно блокирање на медиумски сајтови . Обвинети за ширење лажни вести, досега се затворени два портали, одлуки против кои нема правен лек.

Во Бугарија, која, како што пптсетува РФЗ е најлошо рангирана земја во ЕУ според Индексот за слобода на медиуми и се наоѓа на 111 место во светот, Владата усвои зкаон со кој се казнува ширењето лажни вести со затвор до три години и казна од 5.000 евра. Подоцна претседателот стави вето на законот.

Во Република Српска, во БиХ со новиот декрет се овозможува да се казнува ширењето лажни вести. И областа Брчко, освои слични мерки, наведува во извештајот Репортери без граници.

Во Словенија, Владата на Јанез Јанаша, сојузник на унгарскиот претседател Виктор Орбан, се вклучи во отворена кампања против новинарите веднаш по преземањето на власта во средината на март. РФЗ посочува дека веднаш следувале кибер вознемирувања, па дури и физички напади врз новинари. Истражувачлкиот новинар од Редио Слободна Европа Блаж Згага се соочил со огромен бран онлајн закани, вклучувајќи и повици да биде убиен, откако испратил барање за слободен пристап до информации до кризниот штаб, одговорен за Ковид-19. Наместо да одговори на барањето Кризниот штаб на Твитер ги нарече Згага, интелектуалецот Славој Жижек и уште две лица, критички настроени „психијатриски пациенти кои избегале од карантин“. Провладините медиуми објавија написи во сличен контекст. Репортери без граници потестува дека Јанша вербално го нападнал јавниот сервис РТВ Словенија, чии новинари го критикувале можното зголемување на платите на министрите. Тој ги обвини за „ширење лаги“ и дека се „преплатени“ и им се закани дека ќе го намали финансирањето на таа медиумска куќа.

РФЗ го наведе и примерот на албанскиот премиер Еди Рама, кој преку операторот Водафон испрати порака до граѓаните. „Мијте ги рацете, не излегувајте од домовите заради задоволство, отворете ги прозорците колку сакате и заштитете се од медиумите“.

Во меѓувреме, во Северна Македонија, истражувачката новинарска платформа ИРЛ се соочи со закани откако објави извештај насловен „Пандемско профитерство или грижа за заедницата: Другата страна на приказната за Ковид-19 тестовите“. Аџибадем Систина, болница која е во врска со олигархот Орце Камчев ги вреѓаше новинарите и побара повлекување на текстот, наведуваат Репортери без граници.

Ова е само уште една мрачна илустрација на фактот дека додека новинарите придонесуваат за борба против Ковид-19, тие самите стануваат колатерални жртви, соочувајќи се со напади од различни непријатели на слободата на печатот – вклучително, за жал, и некои влади – кои ја искористуваат ситуацијата за гонење на нивните нивните критичари, заклучува организацијата Репортери без граници.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/04/2020 14:46