Почнати се истраги за стотици смртни случаи од коронавирусот во домови за нега на стари лица во Милано и во целиот регион Ломбардија, јавија италијански медиуми.

Повикувајќи се на извор од судството, тие наведуваат дека истрагата не е насочена во овој момент против ниту една личност, а се спроведува и во други градови, како што е Бергамо.

Истрагата треба да утврди постоење можни кривични дела, како што е несовесно убиство.

Од средината на март, домовите за нега на стари лица станаа главна причина за загриженост, особено кога здравствените работници и семејствата во Ломбардија започнаа да пријавуваат смртни случаи на жители кои не биле тестирани за коронавирусот.

Неименуван извор вели дека истрагата се фокусира на одредбата од 8 март со која властите во Ломбардија побарале од локалните домови за нега на стари лица да преземат пациенти отпуштени од болница во обид да ослободат пренатрупани болнички одделенија.

Некои лекари и медицински сестри рекле дека заразата се ширела бидејќи домовите во тоа време немале соодветна заштитна опрема.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/04/2020 16:48