Групацијата на трговци ја поздрави одлуката на Владата да се отстрани условот со кој беше предвидено основачи и управители вработени да не можат да ги користат дел од владините мерки за поддршка на економијата во услови на пандемија со коронавирусот.

Катерина Петровска од Групацијата на трговци денеска на прес-конференција истакна дека за нив како мали субјекти постоеле голем број ограничувачки фактори за да аплицираат за мерките.

– Во секторот трговија работат 114.240 лица од кои 19.550 не го исполнуваа условот да можат да користат мерки само поради ова ограничување и како резултат на заедничките напори, вчера попладне е тргнат овој критериум. Ние сме пред се мали семејни компании, кои се занимаваат со трговија на текстил, облека, обувки, сувенири. Самовработени сме и самите сме основачи и управители и затоа беше неопходно ова наше главно барање да биде реализирано. Нашата порака беше јасна – критериумите да се прилагодат за најпогодените да може лесно да аплицираат, да се изменат и прилагодат додека не е доцна за да може да ги користат сите на кои им се потребни, рече Петровска.

Според неа, треба да се разгледа и можноста за времен прекин на пресметката на казнени камати и да се одложи плаќањето на придонеси за три месеци, со можност за уште три месеци во согласност со состојбите.

Трговците препорачуваат да се следи ситуацијата на дневна основа и доколку кризата се продлабочи повторно да се разгледа можноста за доделување неповратни средства, бидејќи, како што велат, како мали компании не би можеле да се задолжуваат со нови кредити.

– Сите ние сме имале храброст да излеземе на пазарот на труд, да работиме за себе и нашите семејства зависат од приходите кои ги генерираме. Досега ги почитувавме сите законски прописи како даночни обврзници кои редовно си ги плаќаат обврските кон државата и затоа и нашите очекувања се претставниците на институциите да ни дадат поддршка кога ни е најпотребна, рече Петровска во име на сите здружени трговци од земјава.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/04/2020 18:42