Во изминатото деноноќие во САД се регистрирани повеќе од две илјади смртни случаи од Ковид-19, највисок број за еден ден досега.

Досега, од коронавирусот во САД починале речиси 19 илјади лица, повеќе и од Италија, земја која на почетокот на пандемијата беше најпогодена. Во САД, бројката на заразени надмина 500 илјади случаи.

Според извештаите, во изминатите 24 часа во земјата од компликации поврзани со Ковид-19 починале 2.056 луѓе, повеќе од секое од претходните три деноноќи кога била забележана 1.878, 1.936 и 1.879 смртни случаи.

Според експертите, во САД неделава треба да се достигне пикот на пандемијата и се очекува постепено „исправање на кривата“.

На редовниот прес брифинг синоќа, американскиот претседател Доналд Трамп најави дека во вторник ќе претстави новa група специјалисти од здравството и бизнисот која ќе работи на утврдување кога и како ќе се отвори економијата и започне со работата на бизнисите и спортските настани.

Се предвидува тоа да се стори во текот на мај.

-Ова ќе биде најголема одлука што досега сум ја донел, изјави Трамп.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/04/2020 20:58