Една од вестите што привлече внимание изминативе денови во земјава беше дека новинар е позитивен на коронавирусот, а четворица негови колеги од телевизијата во која работи се ставени во самоизолација, што повторно го отвори прашањето за новинарската фела и колку таа е вистински вреднувана во овие вонредни услови на работа, кога препораките се да се седи дома и колку е можно да се огранични движењето надвор со цел да се спречи ширењето на коронавирусот.

Колку се безбедни новинарите во услови на пандемија на Ковид-19, со оглед на тоа што нивната работа е теренска, медиумските работници излегуваат на терен за да ги известат граѓаните за се што се случува во нивната земја, што ги прави директно изложени на опсноста да бидат инфицирани со коронавирусот.

Уште пред еден месец со Ковид-19 беше инфициран дописникот на МИА од Франција, Тони Гламчевски. За МИА, Гламчевски ги пренесува своите искуста со вирусот.

„Првите симптоми ги почувствував на 8-9 март, не се сеќавам најдобро! Прво како болка на грлото, што наликуваше на почеток на ангина, со мала слабост и покачување на температурата, како настинка. Тие симптоми исчезнаа по два дена. По два дена мирување на инфекцијата, уследи покачување на температурата, но речиси во границите на нормалата, пропратено со потење, посебно во ноќните часови, главоболка. Потоа следуваат епизоди кога ви студи и не можете да се стоплите – со треска. Се појавија и грчеви во мускулите, по што следеше силен замор, истоштеност, лесна кашлица. Апетитот се губи, а врв на тоа јас го изгубив и вкусот и мирисот, кој започна да се враќа само пред неколку дена – делумно. Иако веќе се чувствувам добро, се разбира како по прележан тежок грип, заморот е се уште присутен, особено кога треба да се направат физички напори. Тогаш имам чувство како да имам недостиг на здив и мала тежина во белите дробови. Инаку за целиот овој период земав како лек парацетамол.

Кај мојата сопруга Бландине, која сигурно јас ја заразвив, симптомите се јавија на 15 март. Слични како тие што ги имав и јас, со таа разлика што таа остана подолго, речиси десет дена прикована во креветот, без апетит, со болки во мускулите, притисок – тежина при дишењето. За разлика од мене, таа се консултира со нашиот домашен лекар, кој веднаш изрази сомнеж за Ковид-19, давајќи и боледување од 15 дена и со единствен третман – парацетамол и со совет ако дојде до влошување на ситуацијата да се јавиме на брза помош за евентуална хоспитализација. За среќа до тоа не дојде.

Ќерка ми Ема (19 години) ги имаше овие симптоми некаде околу 18 март. Тие кај неа траеја само три дена, со губење на вкусот и мирисот без компликации. Но одеднаш, некаде на деветтиот-десеттиот ден од појавата на првите симптоми, таа почувствува тежина при дишењето. Тоа траеше само два дена.

Другите членови на семејството, синот Аурелиен (25 години) и ќерките Жулиет (12 години) и Леа (12 години) не покажаа никакви симптоми. Значи половината од семејството бевме болни. Другите можеби го прележаа вирусот без симптоми или се негови здрави носители

Тестови не ни беа извршени, бидејќи Франција не практикуваше тестови во тоа врема за „лесните“ случаи како нашите, бидејќи тие беа резервирани само за лицата кои беа испраќани на болничко лекување. Сега, откако најопасното од заразата помина, чекаме да ни бидат ставени на располагање на тестовите за серум, односно испитувања дали сме имунизирани од Ковид-19 и да бидеме сигурни дека сме го прелажале. Но, со оглед на симптомите, докторите со кои се консултиравме се сигурни дека сме биле заразени од фамозниот коронавирус.

Мислам дека бев инфициран за време на мојата преведувачка работа, која меѓу другото се состои да преведувам за лекарските екипи во Универзитетската болница од Нанси, кога има пациенти кои доаѓаат од подрачјето од поранешна Југославија и не го разбираат францускиот јазик. Но, не можам да кажам со сигурност, бидејќи преведував и во судовите, а претходно на враќање од Македонија на 26 февруари поминавме преку аеродромот од Мулуз, град кој е едно од најголемите жариштата на епидемијата во Франција. Патувавме со авион од Охрид до Мулуз на 26 февруари, авион кој сообраќа можеби и на други линии, како за Италија. Во мојата новинарска работа, исто така, сум во контакти со повеќе луѓе, овде и во Стразбур. А тука е и мојата активност со Меѓународниот филмскиот фестивал во Нанси, со кој претседавам и каде мојата сопруга Бландине работи како директорка. Овде се среќаваме со многу членови на фестивалската екипа и публиката. Значи постојат повеќе можности за заразување. Сепак, мислам дека го добив вирусот во болница, со оглед дека во болницата во Нанси, каде имаше веќе неколку пациенти заболени од Ковид-19, а се уште не беа преземени драстични мерки на изолација, вели Гламчевски.

Во главата ми се завртеа многу прашања за потеклото на заразата, но и со страв дека јас сум заразил други луѓе без да знам за тоа. По откривањето на симптомите не излегував од станот, но тука бевме заедно целото шестчлено семејство. Во стан навистина е тешко да се направат мерки на самоизолација, а претходно пред да се појават симптомите сигурно дека сум бил заразен и сум ги заразил останатите мои блиски.

Значи, не направивме некои посебни изолациони мерки, и веќе беше предоцна. Јас бев заразен, потоа сопругата и возрасната ќерка. А и навистина е тешко, кога живееме во стан. Затоа, оние кои не се инфицирани, а се наоѓаат во своите домови, треба да ги избегнат сите непотребни контакти со луѓето од надвор, бидејќи вирусот е невидлив и никој не знае дали го има во првите неколку дена од заразата. А и самите тестови за откривање не се секогаш 100 отсто ефикасни. Сега сметам дека навистина сум подобро и излегувам надвор од станот со специјалната потврда од Владата, но со заштитна маска.

Не се обратив на лекар директно за лекување на инфекцијата Ковид-19, но од самиот почеток земав парацетамол. Имав телефонска консултација со лекар-специјалист за заболувања на белите дробови, со кој обично работам како преведувач, бидејќи сите странци кои доаѓаат да живеат во Франција мораат да поминат тест за туберколоза. Тој ми потврди дека моите симптоми се тие на коронавирусот и дека опасноста од компликации од вирусот трае од првиот ден кога ќе се добијат симптомите, па до 10-от ден. Затоа е потребна внимателност.

За време на деновите на лекување и сега кога мерките на ограничувања најверојатно ќе бидат продолжени и по 15 април, деновите навистина изгледаат долги, многу подолги од вообичаено. Пред да се разболам навистина имав преполни денови со активности. Добар дел од борбата со вирусот, со исклучок можеби на еден или два дена, кога навистина морав да останам во креветот, ги поминав со работа известувајќи за МИА и Македонското радио. Инаку сите мои интервенции како преведувач од 15 март беа откажани, како во болниците, судовите итн. Потоа читање на книги, кои вообичаено не можеме да ги прочитаме или ни е потребно многу повеќе време во текот на годината. Слушаме музика заедно целото семејство. Сопругата посебно се грижи за наставата преку интернет за Леа и Жулиет, таа е таа која повеќе им помага. Потоа, тука се заедничките семејни киносеанси во домашен амбиент. А како што реков, со Бландине се грижиме и раководиме со Меѓународниот филмски фестивал од Нанси, нам не ни недостигаат филмови. Само годинава се запишани за нашето најново издание над 3.000 филмови, од кои околу 2.800 се краткометражни.

Од почетокот на епидемијата, па до вчера во Франција се регистрирани 13.197 смртни случаи. Според генералниот директор за здравство, Жером Саломон, потврдени со тест се повеќе од 90.000 случаи на заболени со коронавирусот. Од болниците како излечени излегле 25.000 лица. На болничко лекување се 31.267 лица, додека во сериозна состојба на интензивна нега се наоѓаат 7004 пациенти, од кои 98 се на возраст под 30 години. Епидемијата очигледно е дека се смирува, поточно го стигна платото во источна Франција, и парискиот регион каде приливот на нови пациенти на интензивна нега се намали во споредба со претходните дена. Сепак властите повикуваат на будност.

Според неофицијални информации, бројот на заболените во Франција е многу поголем, можеби и двојно поголем од официјалните бројки, бидејќи и оние кои ги имаат истите симптоми на коронавирусот не се преброени. Како заболени се сметаат само оние кои имаат потврден тест. Така синдикатот на лекарите смета дека е можно да бидат заразени околу 1,6 милиони Французи. Во Нанси, градот каде што живеам со семејството, работи Универзитетската болница, една од најдобрите во Франција, која прво започна со примање на пациенти од Алзас, поточно од Мулуз, Колмар и Стразбур, но набрзо капацитетите на болницата за интензивна нега се преполнија и со пациенти од околината. Така дел од нив беа евакуирани со Те-Же-Ве (брзиот воз со медицинска опрема) кон помалку погодените региони во Франција.

Францускиот здравствен систем е можеби еден од најдобрите во Европа и светот. Болниците и клиниките се со врвни специјалисти во сите области, па и во областа на инфективните и тропски заболувања, а пожртвуваноста и професионалноста на медицинскиот е голема.

За ова можам да сведочам, бидејќи последниве три години редовно сум во контакт со лекари-специјалисти и професори на Медицинскиот факултет во Нанси и Универзитетската болница. Но. и во една земја со толку добро развиен здравствен систем и здравствено осигурување се појавија проблеми, посебно со недостиг заштитните маски и машини за вештачко дишење, недостиг на тестови. Франција имаше капацитет од околу 5.000 кревети на интензивна нега, а сега таму се наоѓаат над 7.000 пациенти.

На пациентите кои се лекуваат од Ковид-19 во Франција на почетокот се гледаше со ксенофобија и расизам, посебно кон лицата кои се со азиско потекло. Но, откако епидемијата се прошири во Франција, се промени ставот на Французите, бидејќи заболеа нивни соседи или пријатели. Во печатот се појавија и имиња на жртвите на Ковид-19. Се стравува многу за старите лица кои се во старечките домови и за лицата кои живеат сами. Секоја вечер во 20 часот на прозороците им се аплаудира на медицинскиот персонал. Се разбира, има непочитување на мерките за ограничено движење. Има и луѓе, кои на своите соседи – медицински лица им пишуваат пораки на вратите и автомобилите да се иселат од нивната зграда, за да не ги заразат!

Се појави непријателско расположение кон членовите на евангелистичката црква Отворена врата, која на својот предвелигденски собир во Мулуз имаше околу 3.000 присутни лица, што се покажа дека е едно од жариштата на епидемијата.

Што се однесува пак до информациите и вестите кои ги праќам за МИА и за МРТ за случувањата во Франција околу епидемијата, информациите најмногу ги добивам од официјалните прес-конференции на француската Влада и здравствените власти, а редовно добивам и електронска пошта со сите информации, и се разбира преку француските медиуми, од кои најмногу од веб изданијата на веќе проверените медиуми.

И во Франција на интернет се шират лажни вести за епидемијата, па како и насекаде во светот, Французите не се имуни на лажните вести. Повеќе од една четвртина од Французите веруваат дека новиот коронавирус е произведен во лабораторијата, од кои 17 отсто мислат дека тој е создаден „намерно“, а девет проценти „случајно“, се вели во студијата спроведена за Фондацијата „Жан Жорес“ и Опсерваторијата за конспирационизмот „Конспираси Воч“.

Во однос на политичката определба, дури 40 отсто од симпатизерите на екстремнодесниот Национален собир (РН) веруваат дека овој вирус е „намерно“ направен во лабораторија, а 15 отсто „случајно“. Спротивно на тоа, само два отсто од поддржувачите на центристчката партија Републиката во движење (РЕМ) на француксиот претседател Емануел Макрон, сметаат дека тој е направен во лабораторија.

Исти ставови владеат и кај Американците. Слична студија, спроведена од Центарот за истражување „Пју“ покажува дека 29 отсто од Американците сметаат дека коронавирусот е направен во лабораторијата (23 отсто „намерно“ и шест проценти „случајно“). Руди Рајхштат, основач на „Конспираси Воч“ и Жереми Фуркет, директор на Центарот за јавно мислење и деловни стратегии во Ифоп, заклучуваат дека Французите „не се многу помалку заговорници од Американците за потеклото на новиот коронавирус“.

Студијата, исто така, ги потврдува претходните истражувања кои покажаа дека „помладите генерации и најзагрозените социјални категории остануваат најподложни на теориите на заговор“. Така, 27 отсто од оние под 35 години веруваат дека вирусот бил развиен „намерно“ во лабораторија. Наспроти ова само шест проценти од оние над 65 години имаат вакво мислење.

Неколку научни статии покажуваат дека Ковид-19 не е создаден и потоа патентиран во лаборатории и дека лажните информации што станале „вирусни“ сега кружат на Интернет. Но, нив не треба да им се верува.

За чекорите на превенција за оние кои не се заболени од Ковид-19, најдобра е можеби француската девиза за овој период на мерки на социјални ограничувања „Pendant quelques semaines, être proches, c’est se tenir à distance“. Во превод: „Во текот на неколку недели, да бидеме блиски значи да се држиме на растојание“.

Всушност ако сме носители на вирусот потребно е почитување на мерките на самоизолација и карантин за оние кои биле во контакт со заболени или во подрачја каде што имало жариште. Почитување на санитарните мерки на редовно миење на раце, лична хигиена, носење на маска (кога се има) кога сте заразени или се сомневате дека сте заразени. Најдобриот совет за оние кои се заразени е да се борат со вирусот и да го победат! Поточно да се одмараат, бидејќи овој вирус навистина го истоштува телото и се покажува непредвидлив“.

Тони Гламчевски



Автор: Администратор
Објавено на: 12/04/2020 16:54