Израелскиот претседател Рувен Ривлин го отфрли барањето на лидерот на партијата Сино и Бело, Бени Ганц, да го одложи формирањето на новата коалициска влада за две недели, што значи дека Ганц и премиерот Бенјамин Нетанјаху имаат рок до полноќ да постигнат договор.
Доколку не успеат да го сторат тоа, во Израел ќе бидат распишани нови избори, четврти за една година.
Ганц побара од Ривлин одложување, наведувајќи дека е близу до договор со Нетанјаху, но Ривлин го одби барањето со образложение дека тоа не е можно во тековните околности.
Во март, Ганц доби мандат да формира влада, откако повеќето пратеници се изјаснија за негова поддршка за премиер, меѓутоа тој рече дека наместо тоа ќе се обиде да формира „вонредна“ влада со партијата Ликуд на Нетанјаху за да се справи со пандемијата на коронавирусот.
Кабинетот на Ривлин соопшти дека одлуката е донесена по разговорите со Нетанјаху и дека премиерот не посочил дека договорот е постигнат.