Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски денеска изјави дека во дадената ситуација за очекување е да има пад на БДП, намалување на вработеноста, намалување на платите и на животниот стандард.

– Тоа е нормално да се очекува. Прашањето е колку ќе трае тоа. Ако трае само во вториот квартал тоа е добро, но ако трае и во третиот ќе биде проблем бидејќи тогаш би влегле во рецесија, истакна Симовски за Утрински брифинг на Слободна ТВ.

Тој посочи дека во оваа вонредна ситуација работат во отежнати услови и оти се соочуваат со проблеми кои во принцип се решливи. Единствени пробеми кои се потешко решливи, според Симовски, се теренските анкети како што се анкетата за работната сила и онаа за потрошувачката кошничка кои во моментот не можат да ги спроведат поради вонредната ситуација со коронавирусот.

– Очекувам да има одреден пад, со тоа што кај вработеноста/невработеноста првите два месеца добро функционираа, така што очекувам и да не биде негативен резултатот. Најголемиот дел од фирмите кои престанаа да функцинираат, своите вработени ги ставија на годишен одмор. Во мал обем се отпуштањата од работа. Со анкетата за работната сила може да има некаква разлика кај лица кои работеле во сивата економија. Не очекувам значаен пад на стапката на вработеност/невработеност. Ќе паднат платите и приходите сигурно. И да биде утре се во нормала, на субјектите ќе им треба време да ги обноват врските, затоа ќе има пад на приходите, рече Симовски.

За потрошувачката кошница, Симовски рече дека податоците не се собираат од март и оти се обидуваат да најдат алтернативни извори на информации. Со ваков проблем, посочи Симовски, се соочуваат и останатите држави.

Демографските статистики за населението пак, се одвиваат непречено преку административните податоци кои се обезбедуваат од институциите.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/04/2020 23:08