Во март годинава за 12,28 отсто се намалени приходите во Буџетот во споредба со истиот месец од 2019 година, а во однос на планот намалувањето е 24 проценти, при што најголем пад од 16,85 отсто има кај ДДВ, падот кај данокот на добивка е 10,78 отсто, додека најмал пад од само 1,11 отсто има кај данокот на личен доход, информира директорката на Управата за јавни приходи (УЈП) Сања Лукаревска.

-Податоците од 1 до 14 април покажуваат пад на ДДВ од 79 проценти при што има зголемен поврат од 51,7 проценти. Забележан е пад на данокот од личен доход од шест проценти и има пад на добивката од 9,97 проценти или вкупно споредбено со истиот период од лани има пад на приходите од 38,15 проценти, рече Лукарвеска во одговор на прашање на денешната прес-конференција во Владата.

За разлика од падот на приходите, посочи, има пораст кај придонесите.

-Во делот на придонесите за март 2020 година имаме пораст од 13,48 проценти во спредба со март 2019 што значи дека имаме натфрлање на планот за 0,67 проценти. Кај придонесите за пензиско и инвалидско осигурување има пораст од 10,19 отсто, а кај придонесите за здравствено осигурување растот е од 18,82 проценти, додека кај придонесот за вработување порастот изнесува 8,13 проценти, рече Лукаревска.

Таа нагласи дека рокот за достава на ДДВ пријавите од страна на даночините обврзници е 25 април и додаде дека тој може да биде продолжен по барање на Комората на сметководители. Нагласи дека продолжување на роковите има во сите сегменти за поднесувањето на даночни биланси и поднесувањето на ДДВ пријавите на барање на компаниите и додаде дека со воведувањето вонредна сосотјба УЈП не спроведува никакви постапки за присила наплата преку кои се овозможува повеќе приходи во Буџетот.

-За сите правни субјеки кои имаат акумулирано долгови постои опцијата за одложено плаќање на рати што се поднесува до УЈП, посочи Лукаревска.

Податоците што ги имаат за компаниите што вршат угостителска дејност и се поврзани на ГПРС системот, како што рече, покажуваат дека во март 2019 гдина нивниот промет бил 1,097 милијарди денари, а во март годинава има пад на прометот за речиси половина и се остварени 526,4 милиони денари.

Информира дека досега 27.886 работодавачи ја искористиле мерката субвенции на придонеси за повисоки плати за 157.597 вработени лица.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/04/2020 17:56