Ограничувањето на движењето и пораката „остануваме дома“, забраната за одење на гости, собирање во дворови и печење јагне на ражен се само дел од причините, Грците, оваа година, за Велигден принудно и привремено да се откажат од нивните досегашни навики и традиции и да се адаптираат на новата ситуација наметната од пандемијата на коронавирусот, јави дописничката на МИА од Атина.

-Оваа година, Велигден е поразличен, нема да го славиме традиционално, туку ќе останеме дома, рече портпаролот на грчката Влада, Стелиос Пецас уште на 30 март 2020 година, а оваа порака, Владата редовно ја испраќаше до граѓаните во пресрет на најголемиот христијански празник.

Во една прилика, Пецас ги повика Грците, да останат дома и наместо традиционалното печење јагне на ражен, да „го испечат на ражен коронавирусот“.

Јагнешкото месо и оваа години ќе биде на менито на Грците, но не печено на ражен како што е обичајот, туку во рерна. Семејниот ручек ќе биде во кругот на најтесното семејство, без поголеми собирања и посети на роднини и пријатели, ова го покажуваат и податоците од истражувањето на Институтот за истражување на стоки за широка потрошувачка, но го потврдуваат и граѓаните со кои поразговара дописничката на МИА од Атина.

За да се избегнат големи собири во домовите, одења на гости кај роднини и пријатели како што налага традицијата, но паралелно е нешто што оваа година е забрането, засилени и зголемени ќе бидат безбедносните мерки на полицијата.

Со дронови и хеликоптери ќе се следат населбите, со полициски блокади на автопатите ќе се контролира движењето од урбаните средини. Од синоќа до утре на полноќ во сила се и построгите казни за прекршувачите на рестриктивните мерки. Казната од 150 евра е двојно зголемена, а сопствениците на возила може да се соочат со одземање на регистарските таблици.

Паралелно, особено строги ќе бидат контролите за оние кои го користат исклучокот од забраната за движење што се однесува на грижа на стари лица.

Голем дел од граѓаните веќе се адаптираа на новите околности, впрочем тоа се покажа и вчера, кога останаа дома и од балконите го прославија Воскресението.

Денеска пак, ќе се задржат до традициите, но во рамките на дозволеното.

-Секоја година се собираме на Крит, каде што имаме викендичка. Доаѓаат синовите со семејствата. Со внуците го печеме јагнешкото во двор. Оваа година, секој ќе си остане дома. Со сопругот сме во ризичната група граѓани,

двајцата сме над 70, па веќе еден месец не излегуваме никаде. Внуците ги гледаме од балкон. За Велигден ќе подготвам јагнешко, но нема да биде исто како претходно, вели повозрасна Гркинка во разговор за МИА.

И помладите ќе останат дома, нема да заминат во викендичките покрај море, нема да кршат велигденски јајца со пријателите.

-Во нормални услови ќе бевме на Пелопонез, собрани големо друштво, роднини и пријатели. Сега, во Атина. Јас, мајка ми и сестра ми. Живееме во иста зграда, така што нема да прекршиме ниту една од превентивните мерки, а секако дека ќе го одржуваме и потребното растојание меѓу нас. Јагнешкото нема да изостане и во вакви услови, вели една млада Гркинка во раговор со дописничката на МИА од Атина.

Драстичните промени во навиките на Грците, ги регистрира и Институтот за истражување на стоки за широка потрошувачка.

Лани, двајца од тројца граѓани, односно 67 отсто биле дел од големи семејни ручеци со над десет лица, а оваа година тоа планираат да го сторат само 3 проценти.

Тројца од десет Грци велигденскиот ручек најчесто го поминувале во ресторани или таверни, а печењето на јагнешко на ражен од 58 отсто лани, годинава паѓа на само 13 проценти.

Оваа година, зголемен е и трендот „направи сам“, односно мнозинството од анкетираните, сами ќе подготват велигденски десерти, наместо да купат од слаткарница, како што беше случај лани.

Од 53 отсто, лани, сега процентот на оние кои ќе купат слатки се намалува на 39 проценти, а од 51 отсто минатата година, сега 62 проценти од Грците, десертите ќе ги подготват сами.

Фарбањето јајца од 67 отсто во 2019, сега се зголемува на 80 проценти.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/04/2020 12:23