Празните улици, намаленото движење, но и податоците од полицијата, покажуваат дека Грците се прилагодија и целосно ја почитуваа препораката да останат дома за Велигден и да го сведат на минимум нивното движење.

Претпладнево, на улиците низ Атина, беше видливо драстично намаленото движењето на Грците – мал бројот автомобили, уште помал бројот на пешаците.

Единствено излезени беа граѓани кои ја користат опцијата за физичка активност (дел е од исклучоците од забраната за движење) па решија да трчаат, да возат велосипед или пак да пешачат, јави дописничката на МИА од Атина.

Заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Лефтерис Иконому, за грчката новинска агенција АНА-МПА изрази задоволство од ставот на граѓаните и придржувањето на мерките.

– Огромното мнозинство наши сограѓани ги следеа упатствата. Имаше многу малку случаи во кои полицијата мораше да интервенира. Многу е важно што е развиена колективна свест за одговорност и доверба во владата, потенцира Иконому.

Според официјалните податоци од грчката полиција, за непотребно и неоправдано движење биле регистрирани само 1.209 прекршување за време на празничниот викенд, односно 279 вчера и 930 завчера бројка, што е многу помала во споредба со други денови кога достигнувала и до 2.500 казни.

Од воведувањата на забраната за движење на 23 март 2020 година, заклучно со вчера биле изречени вкупно 46.420 казни во висина од 150 евра за непотребно движење.

А за движења вон периферијата на живеење, за кои казната е двојно поголема (300 евра) биле регистрирани 835 прекршувања.

Досега, во Грција се изречени казни во висина од 7.213.500 евра, средства што ќе бидат наменети за поддршка на националниот здравствен систем.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/04/2020 19:11