Србија досега има евидентирано 6.630 заразени лица со новиот коронавирус, 125 починати и 810 излекувани лица, јави дописникот на МИА од Белград.

Во изминативе 24 часа регистрирани се три нови смртни случаи, двајца мажи и една жена, со што вкупниот број на починати се искачи на 125 лица, со процент на смртност во однос на заразените од 1,98 отсто, изјави на владината прес-конференција на Кризниот штаб покраинскиот секретар за здравство Зоран Гојковиќ.

Во изминатото деноноќие тестирани се 3.111 лица, од кои бројот на позитивни на вирусот е потврден кај 312 лица, со што вкупно во Србија 6630 лица имаат Ковид-19.

Вкупниот број тестирни лица заклучно со денеска во Србија изнесува 41.812 лица, а досега се излекувани 810 пациенти.

Во „Ковид болниците“ вкупно се хоспитализирани 3.703 пациенти, од кои 108 лица се со влошена клиничка слика и ставени се на респиратор.

Српската Влада на денешната седница во согласност со најновата епидемиолошка состојба и мислењето на струката, донесе одлуки за ублажување на одредени мерки во однос на спречувањето на ширењето на вирусот Ковид-19, со кои од вторник полицискиот час ќе биде пократок, односно забраната за движење ќе важи од 18 до пет часот, како и пензионерите да можат да го изберат своето време за прошетка од половина час помеѓу 18 часот и еден часот наутро, во вторник, в петок и в недела, најмногу шестотини метри од местото на живеење.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/04/2020 19:14