Владата ја зголеми цената на акцизата за нафтените деривати за три денари како мерка за справување со кризата предизвикана од корона вирусот. Средствата од зголемувањето на акцизата ќе одат во Фондот за справување со коронавирусот за финансирање на мерки за поддршка на стопанството и мерки насочени кон граѓаните.

Од Владата вчера појаснија дека ваквата уредба е донесена за да се ублажат економските последици од зголемените трошоци за справување со коронавирусот и за обезбедување средства за редовно сервисирање на буџетските потреби.

Владиниот портпарол Мухамет Хоџа на прес-конференција нагласи дека зголемувањето на износот на акцизата нема да предизвика дополнителни финансиски импликации за компаниите и за населението.

– Имајќи предвид дека имаме пад на цената на нафтата од околу 20 денари во период од 1 јануари до 6 април оваа година имаме услови за преземање на ваква мерка, односно зголемување на акцизата за нафтените деривати како антикризна мерка во борба против коронавирусот КОВИД 19, рече Хоџа.

Зголемувањето на акцизата на нафтата, како што истакнаа од Владата, е донесено по претходни консултации со експерти и со сите засегнати страни.

За опозицијата, ваквото зголемување на акцизата е чист грабеж на граѓаните. Ова, оценија вчера од опозицијата, е начин како Владата ќе зема пари од граѓаните за да ја покрие финансиската дупка што е направена во Буџетот.

– Ниската цена на нафтата на светските берзи, власта на СДСМ ја користи за овозможување високи профити на поединци на штета на сиромашниот народ, рече на прес-конференција потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски.

Компанијата „Макпетрол“ која стопанисува со нафтени деривати преку соопштение изрази поддршка за одлуката на Владата, но оттаму побараа објаснување што покажуваат анализите за предлогот за зголемување и изедначување на акцизата на екстра лесното гориво и дизелот.

Ефектите од ваквиот предлог, според Владата, би биле речиси никакви.

– Екстра лесното гориво е наменето само за лимитирана употреба и законски е забрането за продажба од 15 април, ефектот од таквата мерка би бил скоро никаков, рече владиниот портпарол на вчерашната прес-конференција.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/04/2020 10:26