Претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија, Данела Арсовска, денеска информираше дека во соработка со генералниот секретар на Интернационалната стопанска комора, Џон Дентон, заеднички го почнаа проектот за глобално истражување со Светската здравствена организација (СЗО) за предизвиците од КОВИД-19 со кои се соочува приватниот сектор.

-Во координиран напор за справување со КОВИД-19 соработуваме на глобален проект со Интернационалната стопанска комора и Светската здравствена организација. Целта е да се развијат решенија за намалување на последиците од глобалната пандемија, да се развие сеопфатен одбранбен систем од повеќе аспекти за тоа како да се справи општеството на здравствен и на економски план со оваа состојба, но и со идни слични предизвици. До овој момент заедно со нас, се вклучија 94 држави, со најактивен придонес во истражувањето од САД, Канада, Мексико, Австралија, Португалија, Италија, Ирска и Шведска. Ќе се заложиме активно македонските, но и компаниите од регионот да дадат свој придонес во реализација на овој проект, за да се добие реална слика за состојбата во приватниот сектор, со цел да се развијат потребните и вистинските насоки за справување со кризата, истакна Арсовска.

Според ССК, пандемијата е глобална здравствено и социјално вонредна кризна состојба, за која е неопходна итна акција на владите ширум светот не само за санирање на здравствените, туку и на економските последици. Подготвеноста за иднината, но и за рано, смело и ефикасно дејствување ќе ги намали краткорочните ризици и ќе превенира губењето на работните места, но исто така ќе ги неутрализира и потенцијалните долгорочни последици по деловните активности и економијата. Ова истражување е еден од чекорите во уникатната соработка со Интернационалната стопанска комора и СЗО, за да се обезбедат информации поврзани со КОВИД-19 за приватниот сектор и да се развијат квалитетни насоки за реализација на економски мерки низ целиот свет.

Со заедничка изјава, организациите повикаа на усвојување на инклузивен пристап за целото општество, за брз одговор во справувањето со пандемијата COVID-19. Генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејесус истакна дека овој проект ќе овозможи да се согледа моменталниот тек на деловните активности.

-Овие информации ќе ни помогнат да ги мапираме најдобрите практики и подобро да разбереме каде ние и националните здравствени власти треба да го насочиме нашето внимание. Информациите генерирани од истражувањето ќе ни помогнат да реализираме ефективен одговор, спасувајќи животи и минимизирајќи ги економските штети, изјави Аданом Гебрејесус.

Дентон, генералниот секретар на Интернационалната стопанска комора која има национални канцеларии во над 100 држави во светот и е институционален претставник на над 45 милиони компании на глобално ниво, повика за што помасовно доставување податоци за изнаоѓање поквалитетни решенија сега и во иднина.

-Затоа ги повикуваме сите учесници во приватниот сектор да ги споделат информациите за влијанието на пандемијата врз нивното секојдневно работење, ланците на снабдување и предизвиците со кои се соочуваат на пазарот на труд. Ова истражување, ќе даде информации, како би можеле да делуваме за заштита, но и превенција од сегашната како и од идна штета предизвикана од ширење на пандемија на глобално ниво, истакна Дентон.

Конечните резултати, Сојузот на стопански комори и Интернационалната стопанска комора ќе ги објават по завршување на истражувањето следниот месец, по што ќе следи анализа со решенија за механизми за закрепнување, но и за креирање одбранбен механизам за идно навремено справување со слични здравствени кризи.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/04/2020 11:57