Потпретседателката на опозициската Народната партија (НС) и пратеник во српското собрание, Санда Рашковиќ Ивиќ, изјави дека српскиот претседател Александар Вучиќ попушта со вонредната состојба затоа што брза да ги одржи изборите во јуни, но дека во никој случај не треба да се одржуваат митинзи дури и на отворено, јави дописникот на МИА од Белград.

-Уште помалку, луѓето треба да се „возикаат“ со автобуси по Србија за да скандираат и аплаудираат. Не можете да имате вонредна состојба на крајот на април, а за месец дена да започнете кампања. Не знам како тие ќе ја водат кампања затоа што нашиот претседател е полн со изненадувања сите овие години, а особено оваа година со воведувањето на вонредна состојба, изјави Санда Рашковиќ Ивиќ за весникот Данас.

-Не е вирусот дамка која ќе ја попрскате па избришете и да ја снема, оцени Рашковиќ Ивиќ, која е професор по психијатрија на Колеџот за струкови студии во Белград.

Рашковиќ Ивиќ порача дека по укинувањето на вонредната состојба НС сигурно ќе ги изрази своите ставови за тоа како изгледала вонредната состојба и дали требала да се спроведе на овој начин.

-Нема да бидеме навредливи, но со аргументи ќе ги изнесеме сите забелешки, од начинот на воведувањето на вонредната состојба, па до популистичките економски мерки што ги спроведува Вучиќ. Тука мислам на 4.000 динари за пензионерите, како и на 100-те евра за секој полнолетен граѓанин на Србија, изјави Рашковиќ Ивиќ.

Од српската опозиција денес реагираше и пратеникот на Демокртаската партија (ДС), Балша Божовиќ, кој за ТВ Н1 изјави дека власта ја користи вонредната состојба „заради апсолутна моќ“ и дека ситуацијата била искористена за „да се владее со уредби и декрети и за да се избрише законодавната власт“. Тој оцени дека националните фреквенции слабо се користени за време на пандемијата на коронавирус, бидејќи не ги едуцирале граѓаните како и на кој начин треба да се однесуваат при вонредната состојба.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/04/2020 21:11