Во секој петти договор за јавна набавка или одлука за избор на најповолна понуда не се објавуваат ниту количините на набавенитe производи, ниту поединечните цени. Пет здравствени, три локални и две национални институции се во првите 10 институции со најголема вредност на набавките.

Најголема поединечна набавка е за респираторните машини, за што се потрошени 909 илјади евра. Досега најголема набавка поврзана со кризата е онаа на Министерството за здравство, кое со посебна Уредба на Владата набави 31 респираторна машина за 909.561 евро, или по просечна цена од 29.340 евра по машина. Специфичноста на оваа набавка е што се објави јавен оглас во којшто се бараа понуди во рок од три дена, со однапред утврдена максимална цена од 25.000 евра по машина (без давачки) и максимален рок на испораката од 30 дена. Добиени се девет понуди, од кои седум се отфрлени поради неисполнување на рокот на испораката, цената или други услови од повикот, покажува мониторингот извршен од страна на Центарот за граѓански комуникации.

Во 44 проценти од случаите се преговарало само со една фирма, а значаен дел од институциите продолжуваат со практиката, пред склучувањето на итните договори, да преговараат само со една наместо со повеќе фирми.

Во 44 проценти од склучените договори, се посочува, институциите побарале понуда само од еден понудувач, со којшто е и склучен договорот.

Ова го објави Центарот за граѓански комуникации, по направениот мониторинг на итните набавки поврзани со коронавирусот за навремено детектирање одредени слабости во процесот и да даде придонес кон нивно надминување, а со цел заштита на јавните пари и рационално искористување на ограничените ресурси во земјава.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/04/2020 22:54