Медицинските екипи и научниците насекаде во светот интензивно работат на изнаоѓање на лек и вакцина за да се стави крај на епидемијата на Ковид-19. Во тој контекст, опсервациите направени од болничките екипи врз пациентите кои се заболени од Ковид-19, доведуваат до една сериозна хипотеза дека никотинот можеби штити од Ковид-19, јави дописникот на МИА.
Ова е многу сериозна хипотеза за медицинската екипа од париската болница од Питие-Салпетриер и светски познатиот невробиолог, член на Академијата за науки, Жан-Пјер Шанжо.
Се започна со студија што штотуку ја спроведе болницата и која заклучува дека пушачите се помалку засегнати од другите од вирусот. Од ова набљудување на теренот се роди хипотеза која изгледа солидна, а штотуку ја објави Академијата на науките. Наскоро тоа треба да се потврди и со клиничка студија дека не е тутунот, туку никотинот кој би имал превентивни својства.
Студијата спроведена во Питие-Салпетриер следи неколку прилично вознемирувачки набљудувања на теренот. Во последните неколку недели, неколку студии (но кои вклучуваат „пристрасност“, што ги прави неупотребливи), се чинеше дека покажаа дека има релативно низок процент на пушачи кај болните. Затворeници или пациентите од психијатриските болници – популации кои обично пушат многу – се чини дека малку се засегнати од Ковид-19. Сето ова би сугерирало дека статусот на пушачи заштитува од вирусот.
Имено во париските болници од 11.000 хоспитализирани лица со дијагноза на Ковид-19, само 8,5 отсто биле пушачи, додека во Франција стапката на пушачи е 25,4 отсто.
За да се дојде до појаснување, студијата спроведена во Питие-Салпетриер се фокусираше на 350 хоспитализирани пациенти и 130 полесни пациенти примени на амбулантно лекување, сите тестирани позитивно со „Ковид“.
-Гледавме дали овие пациенти пушат повеќе или помалку од општата популација од ист пол или иста возраст, споредувајќи ги податоците за општата популација кои датираат од 2018 година. Заклучокот е дека има многу малку пушачи кај овие пациенти, објаснува за радиото Франс Интер, професорот за интерна медицина Захир Амура, кој ја спроведе студијата.
-Откривме само 5 отсто на пушачи кај овие пациенти, што е многу ниско. Во основа, кај пациенти со Ковид-19 имаме 80 отсто помалку пушачи отколку кај општата популација на ист пол и иста возраст, додава тој.
Тоа значи дека има нешто во тутунот што може да заштити од „Ковид“. Можеби тоа е никотинот, се прашуваат научниците. Идејата за студијата дојде од една случајна средба, преку нобеловецот за физика Серж Харои, кога професорот Захир Амура се сретна пред еден месец со светски познатиот невробиолог Жан-Пјер Шанжо. Тој е специјалист за т.н. „никотински рецептори“, а научникот сугерира дека никотинот би можел да го спречи вирусот да се „залепи“, односно да навлезе во клетките: со тоа го спречува негово размножување и тој би претставувал кочница за развој на болеста, што конечно би ја објаснило оваа подзастапеност на пушачите кај пациентите кои се позитивни на „Ковид-19“.
Некои повратни информации од теренот (но ова сè уште се само набљудувања кои заслужуваат да бидат потврдени) дури укажуваат на тоа дека состојбата на хоспитализираните (и со тоа брутално одвикнати) пациенти од пушење би можела да се влоши со ова нагло одвикнување.
Но, двајцата научници остануваат претпазливи: не треба веднаш да се трча по цигари или тутун. Тутунот останува зло и никотинот е зависна супстанција, што ја прави нивната хипотеза прилично вознемирувачка. Тешко е, навистина, да се поттикне употреба на зависност од супстанција за да се заштити од некоја болест.
-Сето тоа е прашање за балансот на ризикот и користа, инсистираат двајцата научници, кои сугерираат дека никотинот можеби не е единствената супстанција што игра активна улога на никотинските рецептори, и затоа го спречува ширењето на вирусот на сличен биолошки принцип.
Ивермецтин, добро познат анти-паразит, може да ги има истите овие својства, но тоа останува да се докаже.
Во секој случај, нивната никотинска хипотеза е интересна и поради тоа ќе има клиничка студија. Француските здравствени власти се заинтересирани. Штом ќе добијат зелено светло, никотинските лепенки ќе бидат администрирани на три различни публики и во различни дози: на медицинските екипи, како превентивна мерка, да се види дали тоа ги заштитува; кај болничките пациенти, за да видат дали симптомите се подобруваат; и кај тешки пациенти на реанимација, да видат дали нивната воспалителна состојба се подобрува.
А постои и друга хипотеза, дека никотинот, исто така, може да го намали прекумерниот имунолошки одговор што ги карактеризира најтешките случаи на заразени со Ковид-19.