Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) обезбеди значајна поддршка преку Инструментот за брзо финансирање, во износ од околу 176 милиони евра, а и натаму во рамки на можностите ќе дава поддршка за што посоодветно да се одговори на предизвиците и што побрзо да дојде до опоравување на македонската економија. Економските фундаменти се здрави, а преземените мерки се соодветни и ќе придонесат економијата да се справи со шокот од пандемијата на Ковид-19.

Како што соопштија Народната банка и Министерството за финансии, ова се дел од пораките од состанокот на гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и министерката за финансии, Нина Ангеловска, со директорот за Одделот за Европа во ММФ, Пол Томсен, во рамки на Пролетните средби на ММФ и Светската банка, коишто годинава се одржуваат електронски.

Како што беше истакнато на состанокот, состојбата со коронавирусот, оваа година ќе резултира со пад на активноста на сите економии во глобални рамки. Тоа веќе јасно го покажуваат и проекциите на ММФ. Но падот на македонската економија и воопшто на економиите во развој ќе биде помал во споредба со она што се очекува кај развиените економии. Ако во глобални рамки, корона-кризата стивне до средината на годинава, веќе следната година ќе има опоравување на македонската економија и забрзување на нејзиниот раст, се наведува во соопштението.

Во текот на вчерашниот ден, гувернерката на Народната банка, Ангеловска-Бежоска и министерката за финансии Ангеловска, учествуваа и на состанокот на Конституенцата на ММФ и Светската банка во којашто членува нашата земја. Дискусијата беше фокусирана на предизвиците со коишто се соочуваат земјите од Конституенцата, при што посебен акцент беше ставен на нашиот регион.

ММФ и во следниот период ќе ги следи случувањата во македонската економија и ќе биде во постојана комуникација со Народната банка и Министерството за финансии, се наведува во соопштението на НБ и МФ.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/04/2020 13:31