Во организација на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), Регионалниот совет за соработка и Светскиот економски форум денеска се одржа работна средба со цел дефинирање следни чекори за реализација на иницијативата за создавање регионален иновациски фонд.

На средбата учествуваа министри од регионот на шесте земји од Западен Балкан, меѓу кои и министерката за финансии на РСМ Нина Ангеловска, министерката за наука на Црна Гора Сара Дамјановиќ, владини претставници од Албанија, Србија и Косово, како и претставници од Европската комисија, Светска банка, директори и претставници на бизнис секторот. На средбата беше презентиран моделот на функционирање на ФИТР и досега остварените резултати на национално ниво.

Како што соопшти ФИТР, сите учесници ја поддржаа идејата и потребата за зголемена регионална соработка и креирање регионален фонд кој би имал особено значење во кризни времиња како што покажа пандемијата со корона. Главна цел на овој проект е поддршка за младите и новоосновани стартап компании, локалните таленти да се задржат дома, како и привлекување поголем прилив на странски капитал и зголемена конкурентност на регионот.

Министерката за финансии Нина Ангеловска нагласи дека регионалната соработка е повеќе од потребна за поддршка на регионалните економии и задржување на младите во регионот.

-Секоја криза носи нови можности, па така и оваа регионална иницијатива е можност за трансформација на претприемништвото и зголемена соработка на локалните бизниси кои потоа може да се развијат во глобални играчи. Она што е многу важно е дека ваквата регионална платформа треба да се искористи и за пост-кризниот период во фазата на опоравување на домашните економии, а преку поддршката на компаниите и стартапите ќе може да изградиме конкурентна економија, на национално, но и на регионално ниво, нагласи Ангеловска.

Според директорот на ФИТР, Јован Деспотовски, кој го претстави македонскиот модел, креирањето ваков фонд ќе придонесе регионот да стане поатрактивен за странските инвеститори.

-Со креирање регионален пазар од над 20 милиони, регионот ќе биде поатрактивен на мапата на инвеститорите отколку фрагментираните пазари. Така регионот ќе докаже и дека е вреден да се инвестира во него. Преку нашиот пример и портфолиото покажавме дека компаниите кои имаат финансиска поддршка покажуваат исклучително висок раст на продуктивноста во однос на претходните години. Според нашата анализа, кај примерок од над 200 микро до средни компании, просечниот раст на добивката во 2019 година е над 70 отсто, а износот на уплатени средства во Буџетот на државата по различни основи за 25 отсто го надминува износот што државата го уплатила преку Фондот во поддршка на иновации и технолошки развој во 2019 година. Значи, расте конкуретноста на фирмите, а истовремено државата има одличен поврат на вложените пари. Затоа, паметни држави и општество треба и мора во оваа ситуација да размислуваат за она што следи по кризата и уште сега да креираат мерки за поддршка на компаниите кои ќе бидат главна движечка сила на економското опоравување, локално и регионално, истакна Деспотовски.

Претставниците на меѓународните институции нагласија дека креирањето на ваков фонд е многу позитивен потег бидејќи недостасуваат конкретни регионални иницијативи. Клучно е дека тој ќе биде креиран во регионот и за регионот, нагласи Тања Мишчевиќ од РСС. Сите се согласни дека овој проект не треба да биде удвојување туку дополнение на останатите постоечки регионални инцијативи.

Регионалниот фонд, меѓу другото, треба да придонесе за зајакнување на прекуграничната соработка и поттикнување на инвестиции во приватниот сектор и иновациите, како и отворање нови можности за финансирање бизнис проекти во регионот, особено стартап компании со што би се придонело и кон намалување на проблемот со одлив на мозоци.

Согласно договореното на денешната средба, следниот состанок на работната група е закажан за крајот на мај, на кој треба да се презентира првичниот модел на регионалниот фонд, на чија изработка ќе работат ФИТР, Регионалниот Совет за соработка, Светскиот економски форум, како и Фондот за иновации од Република Србија.

-Ова е дел од првата иницијативата на Светскиот економски форум за земјите од Западен Балкан што има за цел да се развие платформа која ќе придонесе за забрзување на иновациите и конкурентноста во регионот и поголема соработка на економски план, наведува ФИТР.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/04/2020 20:49