Инфективната клиника на Клиничкиот и универзитетски центар на Косово објави дека попладнево на нејзиниот оддел за интензивна нега починал 53-годишен маж од Призрен, кај кој претходно е потврдена заразата од новиот коронавирус.

Според сооштението кое го објави клиниката, пациентот бил примен на лекување на 13 април и од самиот почеток бил во тешка здравствена состојба и под интензивна нега.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, вклучително денешниот случај, бројот на жртви на Ковид-19 во Косово, од појавата на епидемијата, достигна до 19. Од нив, 14 починале во приштинската клиника.

Во текот на вчерашниот ден во земјата се потврдени нови 26 случаи, кои од извршените испитувања резултираа позитивни на новиот вирус, со што официјалната бројка на заразени се искачи на 630.

Вчера се евидентирани и нови девет излекувани од заразната болест, согласно методите пропишани од Светката здравствена организација, со што бројката на лица кои ја пребродиле заразата се зголеми на 138.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/04/2020 22:22