Различни се ставовите на земјоделците околу владината одлука со која за три денари се зголемува акцизата на горивата, но единствено е барањето „зелената нафта“ да се испорача поскоро.
Тие очекуваат да се реализира и најавата на надлежните – наместо 30 отсто колку што беше лани, „зелената нафта“ годинава да покрива 50 проценти од трошоците за горивото.
Од Платежната агенција за МИА потврдуваат дека поддршката за набавка на гориво во земјоделството годинава ќе биде 50 отсто, како што беше ветено. Но, земјоделците најпрво треба да ги искористат ланските „зелени картички“ кои траат до 30 април 2020 година.
-Секое зголемување на производните трошоци не им одговара на земјоделците. Од поскапувањето на акцизата најпогодени ќе бидат поледелците кои најмногу трошат нафта за производство, а потоа и овоштарите, како и градинарите. Ударот најмалку ќе го почувствуваат одгледувачите на овци, вели престедателот на Асоцијацијата на земјоделци, Ефтим Шаклев.
Според Шаклев, многу е важно поскапувањето на акцизата да трае додека не се покачи цената на нафтата.
-Кога нафтата ќе ја достигне малопродажната цена од јануари, 60 па и повеќе денари, зголемената акциза веќе не смее да важи, треба да се укине. Ние очекуваме и „зелената нафта“ да биде субвенционирана со 50 отсто, оти лани, кога првпат се воведе, беше 30 проценти, а ни ветија дека сукцесивно ќе се зголемува, истакнува Шаклев и апелира конечно да се решат прашањата околу „црвената нафта“ која, како што оцени, се злоупотребува.
За претседателот на Самостојниот синдикат на земјоделски производители од Струмица, Ристо Велков, не се проблем трите денари за кои се зголеми акцизата, но треба да се даде побрзо „зелената нафта“ додека е пониска цената на нафтата во малопродажбата.
-Ја сфаќаме ситуацијата во која се наоѓа државата, не ги негираме трите денари, но, повторно би кажал, многу е важно „зелената нафта“ да ја добиеме поскоро за да биде поголем бенефитот на земјоделците, нагласува Велков.
Претседателот на Сојузот на земјоделците, Вељо Тантаров поинаку размислува. Смета дека поскапувањето на акцизата е донесено во незгодно време.
-По ланската суша, ретко кој од земјоделците има пари да купи семе, ѓубре и препарати за заштита на растенијата од болести. Бараме Владата повторно да ни даде „зелена нафта“ за да се посее сé што е планирано. На тој начин ќе се компензира зголемената акциза, истакнува Тантаров.
Тој ги повикува надлежните да размислат како да им се помогне на постарите сопственици на земјоделските стопанства кои имаат застарена механизација зашто, во спротивно, укажува, може да останат необработени околу 10.000 хектари.
Националната федерација на фармери (НФФ) останува на ставот дека е против зголемување на акцизата на горивата. Но, откако е веќе донесената оваа владина одлука, смета дека „зелената нафта“ треба навреме да се реализира, во почетокот летниот период, во јуни, кога се извршуваат и најголем дел од земјоделските активности. Со тоа, ќе се даде диреткна поддршка на земјоделството.
НФФ, како што информира претседателката Васка Мојсовска, достави допис до МЗШВ со кој бара навремена реализација на поддршката на трошоците за набавка на гориво за земјоделска механизација која треба да изнесува 50 отсто.
-Сметаме дека со зголемувањето на акцизата ќе бидат погодени земјоделските стопанства кои во моментот извршуваат активна работа на поле и тоа сигурно ќе доведе не само до поскапување на горивото, туку и на суровините за производство, на средствата за заштита и на семињата. Треба да се земе предвид фактот дека 180.000 семејства во земјава егзистираат од земјоделството, а 45 отсто од македонското население живее во руралните средини кои зафаќаат 87 проценти од вкупната површина на државата, вели Мојсовска.
За „зелени картички“ годинава проектирани 280.000.000 денари
Директорот на Платежната агенција, Николче Бабовски потенцира дека земјоделците најпрво, до крајот на овој месец, треба да ги искористат ланските картички за „зелена нафта“.
-Тендерската постапка за картичките е завршена. Економскиот оператор во рок не подолг од 60 дена треба да ги изработи и да ги достави до Платежната агенција по што ќе почне распределбата. Годинава, како што ветивме, поддршката за набавка на гориво преку картичките за „зелена нафта“ ќе покриваат 50 отсто од трошокот за производство што беше пресметан согласно утврдената методологија. Пресметката кој земјоделец колку пари ќе има на картичката, како и лани, ќе зависи од видот на производството кое го пријавил за субвенции. Процентот на поддршката е веќе проектиран и во Програмата. Со персонализираната картичка и со расположливата сума ќе може да се точи исклучиво „евродизел“ за земјоделската механизација. Целта е на овој начин да се поттикнат земјоделските производители да го окрупнат своето производство. Со овие средства и со зголемување на поддршката, ќе помогнеме да се амортизираат, односно намалат трошоците на земјоделците, вели директорот Бабовски за МИА.
Лани за „зелена нафта“ беа планирани 200 милиони денари, а годинава сумата е 280.000.000 денари.
-И годинава, исто како лани, со овие средства директно, преку намалување на производните трошоци, ќе им се помогне на 60.000 земјоделци, дециден е Бабовски.
Владата на 21 април ја донесе Уредбата за зголемување на акцизата со која се опфатени безоловниот бензин, дизелот и горивото за греење. Како што рече портпаролот Муамет Хоџа, образложувајќи ја мерката, зголемувањето на акцизата за три денари нема да предизвика дополнителни финансиски импликации врз компаниите и населението, ниту од тоа ќе трпат транспортната или другите дејности зашто цената на нафтата е намалена за 20 денари. Сите средства од зголемената акциза ќе одат во државниот Буџет, односно во Фондот за справување со коронавирусот. Хоџа информираше и дека ако малопродажната цена на нафтата се зголеми за 10 денари, акцизата ќе се намали за еден денар, а доколку цената се зголеми за 20 денари, акцизата ќе се намали за три денари или ќе се врати цената пред воведувањето на оваа антикризна мерка.
Неколку дена претходно, на 16 април, министерот за земјоделство, Трајан Димковски, на прес-конференција, прашан од МИА како го коментира ставот на Националната федерација на фармери која е против зголемувањето на акцизата, одговори дека не очекува оваа мерка да има некакво влијание врз производната цена зашто годинава субвенцонирањето на „зелената нафта“ ќе биде 50 отсто.