Дополнителната заменик министерка во министерството за финансии Гордана Димитриевска Кочоска на својот фејсбук профил вели дека за три месеци има буџетски дефицит од 43% во однос на планираниот.

- Секојдневно сме сведоци како економијата се повеќе тоне. Ова не е само претпоставка. Податоците јасно можат да се видат од извршување на буџетот за март 2020 година.

Само за три месеци имаме остварени вкупни приходи кои се 21% од планираните за 2020 година, но во исто време имаме буџетски дефицит од 43% во однос на планираниот.

Ќе речете дека во вакви услови тоа е логично. Но, дали е логично трошоците за плати и надоместоци да пораснат за цели 10 милиони евра за само три месеци и тоа на Централна влада во однос на истиот период минатата година.

Ако на ова се додадат општините, јавните претпријатија, кои се формирани од државата и од општините, акционерските друштва во државна сопственост, износот ќе биде далеку поголем.

Дополнително за времени вработувања, договори на дело и сл. потрошени се 9,9 милиони евра за три месеци, а за истиот период минатата година потрошени биле 5,2 милиони евра. Следствено на ова оценете сами дали државата издвојува доволно финансиски средства за стопанството во време на криза, вели Димитриевска Кочоска.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/04/2020 16:46