Амбасадорот на Европската унија во Тирана, Луиџи Сореца, за телевизијата Ора њуз, изјави дека одлуката за отворање преговори за членство со ЕУ останала во сенка на пандемиската криза.

Додаде дека Албанија е во последниот дел од овој процес во однос на започнувањето на преговорите и оти ќе мора да исполни неколку услови.

-Дозволете ми да и честитам на Албанија за таа многу важна одлука, донесена на 25 март од страна на Европскиот совет за започнување на преговори за членство во ЕУ. Веќе знаеме дека таа одлука е засенета од пандемиската криза, но многу е важно дека Албанија е во последниот дел од овој процес, во однос на започнувањето на преговорите. Албанија ќе мора да исполни одредени услови. Веруваме дека ЕК во јуни ќе го објави годишниот извештај за Албанија заедно со преговарачката рамка. Откако рамката за преговори ќе биде одобрена од Советот на ЕУ, ќе се свика првата меѓувладина конференција, под услов Албанија да исполнила одредени услови,рече Сореца.

Евроамбасадорот посочи дека е многу важно да се работи на исполнување тие услови , да се испланира работата, да се вклучат сите страни, сите институции.

Секако,додава тој, прво Владата, опозицијата, Претседателот, граѓанското општество, разни судски институции, со цел да има национално единство.

-Сите треба да бидат обединети околу оваа цел за Албанија и нејзините граѓани и нека овој дух на компромис и соработка што беше виден за време на корона кризата да се искористи правилно и да продолжи така што ќе ја имаме првата меѓувладина конференција меѓу Албанија и ЕУ што е можно поскоро. Но, сето тоа зависи од исполнувањето на условите од страна на Албанија, потенцираше евроамбасадорот Сореца.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/04/2020 22:33