Ако си жртва на семејно насилство или на сексуални напади, дојди во аптеката во твојата населба и побарај ја маската што ќе ти спаси живот. Побарај „Маска-19“. Фармацевтот знае дека треба да извести на бројот 15900, пишува на постерот од Здружението на фармацевти во Грција кои учествуваат во европската кампања за борба против семејното насилство , јави дописничката на МИА од Атина.

Од Здружението истакнаа дека кампањата „Маска-19“ се однесува на семејното насилство, како и на злоупотребата на жени и деца, а „семејното насилство, генерално достигна загрижувачки размери за време на пандемијата на Ковид-19“.

Тие објаснуваат дека доста често жртвите се колебаат или се плашат да пријават насилство во полиција или да се јават на дежурниот телефон, со оглед на тоа дека поради карантинот, постојано се со сторителот, па затоа ги охрабруваат да се обратат до аптеката во нивната населба која најчесто ја посетуваат и веќе се познаваат со фармацевтите.

– Не треба да се занемари блискоста што граѓаните ја имаат со фармацевтите, бидејќи нив им се обраќаат за секој нивни здравствен проблем. Здружението на фармацевти сака да помогне во охрабрувањето на жртвите на семејно насилство да го искористат меѓународниот код „Маска-19“ за време на разговорот со нивниот фармацевт, соопштуваат од здружението и објаснуваат дека во продолжение, фармацевтите одговорно и дискретно ќе им објаснат на жртвите што треба да направат или едноставно да ги остават нивните податоци, за фармацевтот да ги извести надлежните.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/04/2020 11:30