На потребата за одредување и спроведување заедничка европска стратегија за заживување на дискусијата за рестартирање на туристичката индустрија, како и на потребата за заеднички правила за одново започнување на воздушниот, морскиот и патниот транспорт за обезбедување безбедно и непречено движење на патниците од ЕУ, се осврна министерот за туризам на Грција Харис Теохарис за време на состанокот, преку видеоконференција, со неговите колеги од ЕУ, јави дописничката на МИА од Атина.

Како што соопштија од Министерството за туризам на Грција, Теохарис ја споменал и потребата за формирање заеднички протоколи за аеродромите, хотелите, јавниот превоз, угостителството и слично како и формирање Фонд за закрепнување за туризмот на европско ниво.

Во однос на туристичката сезона во Грција, засега не постојат конкретни информации, кога точно би започнала.

Портпаролот на грчката Влада, Стелиос Пецас, на вчерашниот редовен брифинг со новинарите презентирајќи го во кратки црти и генерално владиниот план за постепено враќање на земјата во нормала, рече дека во некој момент ќе се отворат и хотелите, најпрво оние кои работата во текот на целата година, а „откако ќе се реши прашањето со транспортот ќе се отворат и сезонските турски објекти од крајот на јуни- почетокот на јули“.

Засега, не постои промена на одлуката за отворањето на границите и во сила е, како што објави МИА пред две седмици, законскиот акт издаден во Службен весник на Грција на 15 април 2020 година, според кој мерката за привремено ограничување на сите авионски, железнички и патни поврзувања на Грција со Северна Македонија и забрана за влез на македонски државјани на грчка територија, е продолжена до 15 мај.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/04/2020 11:59