Ако не се отвориме на европско ниво, сигурно ќе ја загубиме туристичката сезона и тоа има огромна цена и за економијата и за работните места, изјави алтернативниот министер за надворешни работи на Грција Милтиадис Варвициотис во интервјуто за телевизијата „Мега“, говорејќи за иднината на грчкиот туризам, јави дописничката на МИА од Атина.

Варвициотис истакна дека прашањето со туризмот е високо на агендата на грчката Влада, истакнува дека е потребна координација на европско ниво односно да постои европски протокол за авионскиот транспорт, „а не секоја земја да прави што сака“ и додаде дека Грција ги чека предлозите од Европската комисија.

– Она за кое што дискутираме е прво, за пакет за поддршка на туристичкиот сектор, друга, втора работа за која што дискутираме е како би можеле повторно да имаме доверба во авионите. Како граѓаните ќе влегуваат во авиони и како одново ќе почне авиотранспортот што е замрзнат на целиот европски континент. Да бидеме реални, особено за Грција, нема туристи ако не функционираат летовите. Немаме толку голем спектар на туристи кои би можеле да дојдат по копнен пат. Тоа е само за северна Грција, објасни Варвициотис.

Алтернативниот шеф на грчката дипломатија рече дека прашањето што се поставува е „како луѓето ќе се качат безбедно во авион и нема да бидат опасност за ширење на вирусот“.

– На пример, ако некој се наоѓа во хотел на некој грчки остров и се покаже дека е позитивен на коронавирусот, сфаќате дека сите оние што се во хотелот ќе треба да бидат во карантин, хотелот ќе треба да се претвори во здравствена единица, истакна Варвициотис, објаснувајќи зошто е важно да постои заеднички европски протокол.

Одговарајќи на прашањето дали Грција размислува да воведе забрана за влез на туристи од одредени земји кои што се соочуваат со голем број случаи на новиот коронавирус, како што се Шпанија, Италија, Турција, Варвициотис објасни дека „не постои план за забрана за влез за луѓе кои доаѓаат од конкретни земји“.

– Вирусот не разликува националности. Според тоа, немаме кажано дека од Италија не носиме луѓе или не сакаме комуникација со Италија. Ако не се отвориме на европско ниво, сигурно ќе ја загубиме туристичката година и тоа има огромна цена и за економијата и за работните места, посочи алтернативниот шеф на грчката дипломатија.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/04/2020 14:37