Стопанската комора на Македонија ги оцени како добри измените на економските мерки, но смета дека остануваат отворени важни прашања за идниот период по кризата.
Според комората, најновите измени носат можности за приватниот сектор да може полесно да се справи со последиците од економската криза, добро е тоа што се предвидува вбризгување на значителен износ свежи пари во економијата и се дава можност за комбинирање на мерките.
Од Комората велат дека никој во приватниот сектор не сака да отпушта работници особено ако се знае дека компаниите инвестирале значителни средства во обука и преквалификација на своите вработени и до пред неколку месеци се жалеле дека не можат да најдат работници.
– Значи, секоја фирма што има можност, сака да ги задржи вработените, инвестирала во нив, во нивната обука, итн, истакнуваат од Комората, додавајќи дека сепак не треба да се игнорира реалноста, односно оти економијата во земјава не може да остане недопрена од кризата кога целата светска економија е на удар.
– Во САД дури 30 милиони луѓе останаа без работа за само шест недели. Светската организација на трудот проценува дека 12 милиони луѓе во Европа ќе останат без работа во текот на 2020 година и тоа зборуваме само за вработени со полно работно време. Во март продажбата на автомобили во Европа е намалена за 52%, тоа е најголемиот месечен пад во историјата, во април падот е уште поголем. Во вакви околности, во ваква драматична глобална криза, да се очекува дека македонската економија ќе си помине како ништо да не било, е нереално. Па сепак, ние не видовме досега вакви лоши движења на пазарот на работна сила во земјава. Досега, приватниот сектор, во рамки на своите можности, го апсорбираше ударот од кризата, велат од Комората.
Забележуваат дека останува отворено прашањето за помош на големите компании кои набрзо може да ја повлечат напред економијата.
Оценката на Комората е дека е многу важно да се обнови економско-социјалниот дијалог во земјава на највисоко ниво и така да се дизајнираат долгорочно одржливи решенија.
– Уште на 20 март, Стопанската комора на Македонија посочи дека сите ќе бидат погодени од кризата, повеќе или помалку, порано или подоцна, посочи дека државата треба на краток рок да го спасува приватниот сектор, а потоа приватниот сектор да ја спасува државата и посочи дека товарот од кризата треба сите подеднакво да го понесеме. Еве сме сега, 40 дена подоцна, целиот товар од кризата е паднат само на грбот на приватниот сектор и тоа е факт. Затоа е важно да се обнови економско-социјалниот дијалог во земјата и тоа на највисоко ниво, каде што Владата ќе ја претставува премиерот, а ќе бидат вклучени синдикатите и претставници на работодавачите. Само така може да се дизајнираат добри и долгорочно одржливи решенија што ќе обезбедат подобра економска иднина на земјата, велат од Стопанската комора на Македонија