Подобрувањата во квалитетот на воздухот во текот на изминатиот месец, како резултат на прекини во деловниот и социјалниот живот преку ригорозни епидемиолошки мерки поради пандемијата на коронавирусот, доведоа до 11.000 помалку смртни случаи од загадување во Велика Британија и другите делови на Европа, покажува истражувањето објавено денеска од „Гардијан“.

Наглото намалување на патниот сообраќај и индустриските емисии, исто така, резултираше 6.000 деца да не развиваат астма, 1.900 да избегнат посети на одделенијата за итни случаи и 600 помалку предвремени породувања, соопшти Центарот за истражување енергија и чист воздух.

Додека пандемијата продолжува да зема голем данок – повеќе од 220.000 смртни случаи низ целиот свет од почетокот на годината – авторите на студијата велат дека мерките обезбедуваат увид во почиста, поздрава животна средина, што е можна ако светот се оддалечи од загадувањето од индустријата со фосилни горива.

Споредено со истиот период минатата година, нивото на штетни гасови се намали за 40 проценти и ПМ 2,5 честичките за десет проценти. Овие две форми на загадување го ослабуваат срцевиот и респираторниот систем и се одговорни за околу 470.000 смртни случаи во Европа секоја година.

Користејќи компјутерски анализи и статистички модели кои комбинираат податоци за квалитетот на воздухот, временските услови, емисиите, популацијата и зачестеноста на заболувања, новите истражувања откриваат најголем број избегнати смртни случаи од загадување во Германија (2.083), Велика Британија (1.752), Италија (1.490), Франција (1.230) и Шпанија (1.083).

Според типот на болест, речиси 40 проценти од намалувањето на морталитетот е поврзано со срцева слабост, 17 отсто со заболувања на белите дробови како што се бронхитис и емфизема, 13 отсто со мозочен удар и рак, а остатокот се инфекции и дијабетес.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/04/2020 23:40