Изминатите 20 години македонските власти успеале да ги намалат работничките права вкупно 60 пати, покажуваат анализите на професорот по трудово право на Правниот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, Андон Мајхошев.

Тој забележува дека кратењето на работничките права се одвива во контиунитет. Во изјава за МИА вели дека работничкото незадоволство најмногу се изразува преку социјални протести.

-За ова има и причина. Затоа што во Законот за работни односи носител на правото на организирање на штрајк е синдикатот. Додека работниците коишто се надвор од синдикатот и кој не ги поведува синдикатот, иако можеби сакаат да штрајкуваат неможат да го остварат оваа право, токму поради тоа. Сметам дека оваа одредба во Законот за работни односи на некој начин го ограничува правото на работниците да штрајкуваат, вели Мајхошев.

Универзитетскиот професор од 2005 до 2019 година има евиденција на бројот на штрајковите и протестите, кои ја даваат и реалната слика во земјава.

-Дојдов до конкретни показатели. Така да во тој период одржани биле 107 штрајкови со 59.000 учесници или во просек некаде околу 510 во штрајк. Што се однесува до социјалните протести, тие биле по многубројни, бидејќи немало ограничување во однос на правото на нивното организирање и најчесто тие биле организирани надвор од работното време и траеле некаде по час и полвина до два часа. Во земјава во тој период биле одржани 250 социјални протести, со околу 77.000 учесници или во просек на годишно ниво 17 социјални протести, од коишто просечно на секој социјален протест учествувале по 310 учесници, вели Мајхошев.

Овие бројки покажуваат дека социјалните протести биле далеку поприменувани за разлика од правото на штрајк. Мајхошев посочува дека работодавците ги кршат работничките права, но смета дека синдикатите поенергично треба да застануваат зад работниците.

-Синдикатот ја губи својата моќ и во моментов во Македонија синдикалната густина изнесува 23 %, што е реалтивно малку, во однос од пред десеттина години кога синдикалната густина имаше околу 30 проценти.Значи бројот на синдикалното членство континуирано опаѓа. Ова ја покажува и можта на синдикатите во Република Македонија и ова е тренд на светско, европско, па и на национално ниво, рече Мајхошев.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/05/2020 13:14