Приходите по основ на ДДВ се остварени помалку за -43,5 проценти – што, според ресорната министерка, е и очекувано со оглед на рестриктивните мерки за заштита на здравјето на граѓаните кои беа во сила цел април. Персоналниот данок на доход забележа пад од -11,7 проценти, данокот на добивка забележа раст од 3,6 проценти, акцизите пад од 40 проценти, наплатата на царините е помала за 26 проценти. Најголемо натфрлање, информираше министерката, има кај данокот на добивка. Од вкупно наплатените приходи од данок на добивка во април кои изнесуваат 1,43 милијарди денари, 790 милиони денари се од уплатен данок на добивка по годишен биланс што, рече министерката за финансии Нина Ангеловска на денешната прес-конференција.
-Од почетокот на годината заклучно со април наплатата на приходите во буџетот е за 4,9 проценти пониска во однос на истиот период лани. Наплатата на даночните приходи е за 9,1 процент пониска во однос на лани, што најмногу се должи на падот на наплатата на ДДВ за 14,6 проценти. Наплатата на придонесите има раст од 9,2 проценти во однос на минатата година, што е показател дека годината започна одлично со раст на вработеноста и платите. Во растот на платите значајна улога одигра и мерката за поддршка на приватниот сектор за покачување на платите која ја искористија над 22.000 компании и ги покачија платите на над 119.000 вработени, нагласи Ангеловска.
Вкупните приходи се реализирани во износ од 27 проценти согласно планот, додека вкупните расходи 30,4 проценти. Расходната страна е повисока за седум проценти од почетокот на годината заклучно со април, при што кај реализацијата на капитални расходи има раст од 21 проценти во однос на лани.
Придонесите во април не бележат пад, односно се остварени на ниво од минатата година. Во април вкупните расходи се реализирани на речиси исто ниво како минатата година односно со раст од 0,7 проценти. Тековните расходи се исто така на исто ниво со ланското. Кај стоките и услугите се забележува пад од 36,5 проценти споредено со април лани. Кај трансферите има зголемување за седум проценти главно поради социјалните трансфери, односно зголемувањето на пензиите годинава. Капиталните расходи во април се повисоки за 15,7 проценти во однос на истиот месец лани.
Стапката на инфлација во земјата во првиот квартал од 2020 година изнесува 0,6 проценти, што упатува на одредено надолно отстапување во однос на проекцијата. – Проекцијата за странската ефективна инфлација во 2020 година е ревидирана во надолна насока. Истовремено, ценовните движења на светските берзи, т.е. увезените цени се очекува да предизвикаат надолен притисок врз домашните цени. Имајќи го ова предвид, како и очекуваниот негативен производен јаз, стапката на инфлација во земјата за 2020 година е проектирана на – 0,2 проценти, наведе министерката.